Предизборна делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која ја заврши посетата на Северна Македонија во периодот од 25 до 28 март, оценува дека периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди. Таа, исто така, посочува дека политичкото опкружување, веќе силно поларизирано, сè уште е многу динамично и се менува и ги повика сите засегнати страни да обезбедат дека кампањата ќе тече непречено до денот на изборите.
Шестчлената меѓупартиска делегација, предводена од Алфред Хеер (Швајцарија, АЛДЕ), во состав Стефан Шенах (Австрија, СПЦ), Крис Саид (Малта, ЕПП/ЦД), Селивај Челенк Озен (Турција, УЕЛ), Сибел Арслан (Швајцарија, СПЦ), ко-известувач на Комитетот за следење на ПССЕ и Џозеф О’Рајли (Ирска, ЕПП/ЦД), ја спроведе својата проценка во Скопје и оствариле средби со претседателот на Собранието на Северна Македонија, кандидатите за претседател, партиските лидери и претставници, претседателот и членови на Државната изборна комисија (ДИК), новинари и граѓански групи, членови на дипломатскиот кор, колеги меѓународни набљудувачи од ОДИХР и членови на делегацијата на Северна Македонија во ПССЕ.
Делегацијата, во соопштение до медиумите, истакнува дека речиси сите политички сили во Северна Македонија се за европска интеграција на земјата и се надеваат дека ќе се најде решение за преостанатите пречки. Делегацијата, исто така, била информирана дека не се адресирани низа долгогодишни препораки на ОДИХР, вклучително и препораки за усогласување на Изборниот законик, да се утврдат јасни процедури за мандат и именување на државните изборни комесари и да се обезбедат ефективни правни лекови за изборните спорови.
– Делегацијата беше задоволна што слушна за општата доверба во целокупниот професионализам на ДИК, но забележа помал степен на доверба во пониските изборни тела. Делегацијата со задоволство забележа општо ниво на доверба во точноста на избирачкиот список и методите на регистрација на избирачите. Сепак, доби информација дека вкупниот број на гласачи може да биде надуен поради граѓаните кои остануваат во евиденцијата и покрај тоа што живеат во странство. Исто така, со загриженост беше забележано дека на оние граѓани кои ќе наполнат 18 години меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори ќе им биде одземено правото да гласаат за вториот круг од претседателските избори, се вели во соопштението од Делегацијата.
Во соопштението меѓу другото, се посочува дека партиите и кандидатите можат слободно да водат кампања. – Иако говорот на омраза не се смета за главно изборно прашање, делегацијата слушна за случаи на лични напади и обиди за заплашување против претставници на граѓанското општество, кои кулминираа со поттикнување насилство, па дури и смртни закани. Делегацијата најостро ги осудува ваквите практики кои се неприфатливи во европска демократија и изразува надеж дека надлежните органи итно ќе преземат силни мерки против сторителите на ваквите закани, се вели во соопштението.
Делегацијата истакна дека, иако досега нема знаци за масовна злоупотреба на државните ресурси, постои загриженост дека тоа сепак може да се случи за време на изборната кампања. Се слушна и за можни притисоци врз вработените во јавниот сектор, како и врз затворениците во затворите.
– Формулата за дистрибуција на политичко рекламирање во медиумите и на јавните простори, некои ја гледаат како привилегирање на поголемите и поафирмирани партии, наместо како обезбедување фер пристап на сите натпреварувачи, вклучително и помалите партии, посочуваат од Делегацијата.
Делегацијата, исто така, ја забележа загриженоста за одредени аспекти на изборниот процес, вклучително и изборната правна рамка (донесувањето амандмани во последен момент на Изборниот законик, иако е јасно неопходно за подобро спроведување на изборниот процес, е спротивно на препораките на Венецијанската комисија), како и прилично слабото регулирање на правилата за финансирање на кампањите (особено во врска со мноштвото веб-портали навидум создадени неодамна со единствена цел да се добие јавно финансирање за партиите).
Делегацијата потврдува дека решавањето на некои од овие прашања пред денот на изборите може да биде предизвик, но силно бара акција за оние кои сè уште можат да се поправат.
ПССЕ ги претставува парламентарците од 46 европски нации и ги набљудува изборите во Северна Македонија во рамките на својот пост-мониторинг дијалог со земјата. Полноправна делегација на ПССЕ од 22 члена, придружувана од правни експерти од Венецијанската комисија, ќе го набљудува гласањето на 24 април 2024 година во рамките на меѓународната мисија за набљудување на изборите заедно со ОДИХР, а потоа и на 8 мај кога треба да се приклучат и делегации од Парламентарното собрание на ОБСЕ и од Европскиот парламент.