Мицкоски за партиите кои ја напуштаат власта: Имаме принципиелен договор за настап на парламентарните избори врз кој ќе функционираме како идна влада

Имаме принципиелен заеднички договор за настап на парламентарните избори и очекуваме понатаму, врз основа на тој договор, да функционираме како идна влада, рече денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи го преминувањето на некои од досегашните владини коалициски партнери во опозицијата.

Тој напомена дека не може во нивно име да каже зошто се одлучиле на таков чекор иако, како што напомена, би сакал причината за тоа да биде изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

-Тоа прашање треба да го поставите на тие, не би можел во нивно име да дадам одговор. Ние имаме принципиелни разговори и преговори и принципиелен заеднички договор за настап на следните парламентарни избори и очекуваме понатаму, врз основа на тој договор, да функционираме како идна влада.  Околу мотивот и причината, можеби тие ќе треба да ви дадат одговор. Јас би сакал тоа да е фактот што тие препознале во нашата програма добри работи и поради тоа одлучиле да ја прифатат. Имаше и такви кои преговараа со нас, не успеавме да постигнеме договор, или ќе настапат самостојно или ќе останат заедно со актуелните владејачки партии, дали се тоа СДСМ или ДУИ без разлика, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со раководството на Стопанската комора на Македонија.

Според него, коалицирањето на ДУИ со други политички партии ќе биде неуспешен политички маневар.

-ДУИ треба да даде одговор зошто го прави тоа. Ако мене ме прашувате, ценам дека се обидуваат да направат маневар на политичкиот простор со што ќе го ублажат поразот на следните избори од страна на консолидираната, условно кажано, албанска опозиција. Не мислам дека овој потег ќе биде успешен, имајќи ги предвид лицата кои пристапуваат на таа коалиција, но времето и гласачите ќе покажат. Можеби моето толкување е погрешно. Во минатото имаше многу обиди ДУИ да претстави одредени позиции кои се неуспешни, како „Зелената транзиција“ која наместо еколошки, презентираше „тендер“ политики. Мислам дека ова ќе биде неуспешен политички маневар, но времето нека биде одговор на овие дилеми, истакна Мицкоски.