Дваесетина деца од општината Старо Нагоричане ќе бидат згрижени во градинка, „Изворче“ во некогашното, сега реконструирано училиште во село Младо Нагоричане. Објектот ќе работи во рамки на градинката од Куманово, „Ангел Шајче“, а за децата ќе се грижи стручен тим, воспитувачки, негувателки и помошен персонал.
Ова е прва градинка за деца во оваа рурална општина од североисточниот плански регион.На денешното свечено отварање на објектот, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, најави дека наскоро ќе се отворат градинки во повеќе рурални средини во Велешко и Прилепско.
– Владата има заложба за рамномерен регионален развој и токму тоа го правиме. Руралните средини треба да добијат еднаков пристап за развој на нивните деца, како и децата од градска средина. Дополнително, со ова добиваат и родителите на овие деца затоа што имаат можност да се вклучат на пазарот на труд доколку децата се згрижени во градинка, но исто така градинките даваат и подобар старт за децата понатаму во образованието и економскиот раст и развој за државата, ова е многу важно, изјави Царовска.
Таа нагласи дека државата покажува грижа и за ранливите групи граѓани и потсети дека минатата недела Владата донесе одлука за ослободување од плаќање партиципација за градинка, децата кои потекнуваат од еднородителски семејства.
– Навистина треба оние кои имаат помалку можности во нашето општество да ги изедначиме со можностите на сите граѓани и тие да бидат вклучени, -изјави Царовска.
Министерката рече дека ќе продолжат инвестициите во раниот детски развој, но и во вработувања на неопределено време во градинките, каде нагласи дека недостигаат околу 2.000 луѓе, потсетувајќи дека само за една година се дадени 485 вработувања на неопределено време.
Родителите од оваа општина прв пат ќе имаат можност безгрижно да ги извршуваат работните обврски, во перидот кога нивните деца ќе бидат згрижени во градинката.
– За почеток во градинката ќе бидат згрижени десет деца во комбинирана паралалека, како што ќе има интерес така и групата ќе расне, а се надеваме дека ќе отвориме уште еден дел од градинката „Ангел Шајче“, за да можеме и ние како општина Старо Нагоричане да оделиме посебен правен субјект, градинка, рече градоначалничката на општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски присуствуваше на настанот и рече дека ова е проект кој е зацртан во програмата на Владата и кој ги исполнува залагањата на претседателот и на министрите. Тој се заблагодари на институциите за реализација на проектот и рече дека преку ваквите проекти Владата покажува дека сите општини, без разлика на големината се важни.
– Ова е класичен пример, денеска во општина Старо Нагоричане се отвара градинка првпат по основањето на општината со цел да бидат згрижени децата од предучилишна возраст. Оттука има и вработување на лица, создаваме можност, жените од општината да бидат работно ангажирани со цел сите граѓани во Македоинија да добијат поеднакви услови за живот, рече во обраќањето Спасовски.
Тој истакна дека во овој регион во наредниот период Владата ќе вложува во реализација на проекти од инфраструктурата.
Директорката на кумановската градинка, Марина Алексовска рече дека градинките се особено значајни за децата од предучилишен период, бидејќи тоа е период кога децата се стекнуваат со знаењ,а умеења и навики. На отварањето, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски рече дека е многу значајно за регионот, што во соседната општина се отвара нова градинка.
Што се однесува до реконструкцијата на објектот, поранешен „Пионерски Дом“ ,одговарајќи на новинарски прашања зошто доцни пуштањето во употреба, министерката Царовска посочи дека реновирањето завршило во рок од 40 дена, нагласувајќи дека, има други институции кои треба да дадат дозвола за отворање на градинката. Потсети дека објектот дополнително е поврзан и на гасната мрежа со што ќе се добие енергетски ефикасен објект.
– Се чека да се постави мрежата за затоплување на тој објект да не одиме со електрична енергија и панели, туку со греење на гас и верувам дека за еден месец сигурно ќе завршиме со отворањето и на таа градинка, истакна министреката.
Таа потсети дека е отворен повик до општините кои можат да аплицираат за доградба или изградба на нови градинки, потенцирајќи дека Министерството ќе обезбеди финансиски средства за 2018 или 2019-та но, додаде дека е важно што се инвестира и отвораат нови објекти, а постоечките се доградуваат.