Откако кандидатот за претседател на државата Стевчо Јакимовски денеска се најде на „црната листа“ на САД, Државната изборна комисија на прашање на МИА дали тоа ќе влијае врз неговата кандидатура истакна дека условите за избор на претседател се содржани во Уставот.
Кандидат за претседател на Републиката согласно Изборниот законик може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател утврдени со Уставот, кој пак ги предвидува само следите услови – да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.
– Само овие услови ги предвидува Уставот за претседател на државата. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот, велат од ДИК за МИА.
Согласно Член 7, став 1 од Изборниот законик, кандидат за претседател на Републиката може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател на Републиката утврдени со Уставот.
Во Уставот, изборот на претседател на Републиката се регулира со членот 80 кој гласи:
– Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Македонија. За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години, гласи членот 80 од Уставот.
Неколку часа откако актуелниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска ја потврди кандидатурата за претседател пред Државната изборна комисија, американскиот Стејт департмент соопшти дека поради вмешаноста во значителна корупција именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и Јакимовски.
Како претседателски кандидат на ГРОМ денеска во ДИК Јакимовски ги предаде собраните 11.468 потписи за претседателски кандидат на претстојните избори. Тој упати благодарност до граѓаните кои ја потврдија неговата кандидатура за претседател и ги повика на претседателските избори да ја дадат својата поддршка за влез во вториот круг.
Поради вмешаност во значителна корупција американскиот Стејт департмент денеска именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои освен Јакимовски се најде и поранешната специјална главна обвинителка на Северна Македонија, Катица Јанева.
Нивните постапки, се вели во соопштението од Стејт департментот, го поткопаа владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади.