Украина, Белорусија и Блискиот Исток теми на Советот за надворешни работи на ЕУ

Руска агресија врз Украина, случувањата во Белорусија и состојбата на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, со кое ќе претседава високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, средбата на шефовите на дипломатиите на членките на Унијата ќе започне во онлајн неформална размена на мислења со американскиот државен секретар Ентони Блинкен. 

Делот од заседанието посветен на руската агресија врз Украина ќе започне со обраќање украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба до неговите европски колеги преку видео конференциска врска. 

Советот за надворешни работи ќе дебатира и за најновите случувања во Белорусија, во врска со „влошената состојба со почитувањето на човековите права и континуираната поддршка што белорускиот режим ја дава на руската агресивна војна против Украина“. 

Шефовите на дипломатиите на членките на ЕУ ќе разговараат и за состојбата на Блискиот Исток, пред се околу Појасот Газа, но и во поширокиот регион. 

Советот за надворешни работи ќе расправа и за тековни прашања при што министрите ќе можат да разменат мислења за најновите случувања во надворешните односи на ЕУ.