Високиот суд во Лондон го заврши првиот ден од сослушувањето во врска со жалбата на основачот на Викиликс Џулијан Асанж против одлуката за негова екстрадиција во САД.
Пред судот прво се обратија адвокатите на Асанж, кои рекоа дека се работи за политички мотивиран случај, додавајќи дека на нивниот клиент му биле прекршени човековите права, пренесува Би-би-си.
Тие истакнаа дека имаат докази за заговор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за убиство на Асанж за време на претседателскиот мандат на Доналд Трамп.
Адвокатот Ед Фицџералд КЦ рече дека не може да им се верува на американските гаранции за правичен третман, додавајќи дека неговиот клиент може да биде осуден на „грубо неправеден и непропорционален начин доколку биде екстрадиран“.
За време на сослушувањето, пред судот во Лондон се одржа протест на новинарите и поддржувачите на Асанж.
Продолжението на судењето е закажано за утре, кога пред судот ќе се обратат американските адвокати.
САД бараат екстрадиција на Асанж за објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а Врховниот суд на Велика Британија одлучи дека Асанж треба да биде екстрадиран, отфрлајќи ги тврдењата дека поради лошо ментално здравје може да изврши самоубиство во американски затвор.
Порталот на Асанж „Викиликс“ стана познат во 2010 година кога објави видео од напад на американската армија со хеликоптери „Апачи“ во Багдад во 2007 година, при што загинаа десетици луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс.
После тоа, беа објавени илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светските лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.
Во САД, Асанж е обвинет за шпионажа по 17 точки, а доколку биде прогласен за виновен, може да добие и до 175 години затвор.