Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва ќе се бори за своите интереси, но и дека нема интерес да ја прошири војната од Украина во други земји како Полска и Летонија.
Путин ги даде коментарите во повеќе од двочасовно интервју со Такер Карлсон, што е негово прво интервју со американски новинар откако Русија ја нападна Украина пред речиси две години.
На прашањето дали може да замисли сценарио во кое би испратил руски војници во Полска, членка на НАТО. Путин одговори: „Само во еден случај, ако Полска ја нападне Русија. Зошто? Затоа што немаме интереси во Полска, Летонија или кое било друго место. Зошто би го направиле тоа? Едноставно немаме интерес – Москва нема територијални претензии кон овие земји“, нагласи Путин.
Интервјуто се одржа во вторникот во Москва и беше емитувано на tuckercarlson.com.
Путин зборуваше на руски, а неговите одговори беа синхронизирани на англиски јазик. Тој започна со долги белешки за односите на Русија со Украина, Полска и други земји. Кремљ соопшти дека Путин се согласил на интервјуто со Карлсон бидејќи пристапот на поранешниот водител на Фокс њуз се разликува од „едностраното“ покривање на конфликтот во Украина од страна на многу западни новински агенции.
Карлсон важи за лице кое има блиски врски со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се очекува да биде кандидат на Републиканската партија на претседателските избори во САД во ноември. Од своја страна, Карлсон претходно изјави дека голем дел од покривањето на војната во западните медиуми е пристрасно во корист на Киев.
Според Путин, советската Република Украина ја создале болшевиците, а дотогаш не постоела. Првично, зборот „украинец“ значел дека лицето живеело на периферијата на земјата, тврди претседателот на Русија. Според него, обновувањето на односите меѓу народите на Русија и Украина ќе потрае многу долго, но тоа ќе се случи.
– Проблемот е вкоренет во тоа што Украина по стекнувањето независност во центарот на својот идентитет ги стави лажните херои кои соработувале со Хитлер, нагласи Путин во интервјуто. Ако некој се смета себеси за посебен народ, има право на тоа. Но не врз основа на нацизмот, нацистичката идеологија, тврди
Рускиот лидер тврди дека Украинците се уште се чувствуваат како Руси, а она што се случува е „елемент на граѓанска војна“.
– Западот мисли дека борбите во Украина засекогаш одвоиле еден дел од рускиот народ од друг, но обединувањето ќе се случи, порача Путин. Тој рече и дека пучот во Украина во 2014 година го извршила вооружената опозиција со поддршка на ЦИА.
– Технички направија се како што треба, постигнаа што сакаа – ја сменија власта. Но, од политички аспект ова е огромна грешка. Тука, се разбира, политичкиот врв не функционираше како што треба. Политичкиот врв требаше да види до што ќе доведе тоа, вели Путин.
Украина донесе одлука да ги напушти преговорите со Русија по наредба од Вашингтон, сега САД треба да ја исправат таа грешка, изјави Путин. Тој тврди: „Украина ја започна војната, целта на Русија е да ја запре“.
– Русија засега не ја постигна целта на специјалната воена операција, бидејќи една од нив е денацификацијата: забрана на различни неонацистички движења, рече Путин. Тој додаде дека НАТО може да ја признае контролата на Русија врз нови територии, дека има опции, доколку има желба.
– Западот почна да сфаќа дека стратешки пораз на Русија е невозможен – нека размислат што понатаму, ние сме подготвени за дијалог, порача шефот на руската држава.
Во интервјуто Путин изјави дека Русија и Украина „порано или подоцна ќе се договорат“, нагласувајќи дека сака ситуацијата во Украина да се реши со преговори.
Во исто време, Унгарците кои живеат во западна Украина би сакале нивните земји да се вратат во нивната историска татковина, истакна рускиот претседател. Тој нагласи дека никогаш не разговарал за таква можност со унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– Светот ќе се промени без разлика како ќе завршат настаните во Украина, додаде Путин.
Во интервјуto Путин изјави и дека е можно да се постигне договор за ослободување на американскиот новинар Еван Гершкович, кој е притворен во Русија речиси една година. – Мислам дека може да се постигне договор, рече рускиот претседател. – Нема табу за решавање на ова прашање. Подготвени сме да го решиме, но преку каналите на специјалните служби се разговара за одредени услови, додаде тој.
Путин нагласи дека Гершкович бил фатен додека добивал доверливи информации. „Ова се нарекува шпионажа“, истакна рускиот претседател.
Западот повеќе се плаши од силна Кина отколку од силна Русија, уверен е Путин. Во исто време, Русија слуша многу страшни приказни за Пекинг, но го гледа нејзиниот недостig на агресивност, додаде рускиот лидер. Со ограничувањата на соработката со НР Кина, САД си нанесуваат штета, смета тој.
Путин ја изрази и подготвеноста на Москва да испорача гас на Западна Европа доколку Германија го отвори гасоводот Северен тек 2. Според шефот на руската држава, нападот на гасоводите во Северното Море е дело на американските специјални служби и оти „тоа му е јасно на целиот свет“.
– Во овој случај не треба да гледаме само на оние кои се заинтересирани за такво нешто, туку и оние кои имаат способност да го направат тоа, бидејќи може да има многу заинтересирани, но не сите се способни да се спуштат на дното на Балтичкото Море и да ја изведат оваа експлозија. Тие две компоненти треба да се поврзат. Кој е заинтересиран, и кој е способен, рече Путин во интервјуто.
На прашањето на американскиот водител зошто не презентирал докази за тоа и со тоа „да победи во пропагандната војна“, рускиот претседател рече дека во пропагандната војна „многу е тешко да се поразат САД, бидејќи Америка го контролира целиот свет и многу европски медиуми“.
Меѓутоа, Путин верува дека евентуалната промена на претседателот на САД нема да го промени односот на американската елита кон Москва, бидејќи не се работи за една личност. Ако „во американското општество преовладува идејата за доминација по секоја цена и со помош на сила, ништо нема да се промени – само ќе се влоши“.
Ако евентуално се дојде до сознание дека светот се менува поради објективни околности и дека човек треба да може да се прилагоди навремено на нив, користејќи ги предностите што ги имаат САД и денес, тогаш можеби нешто би можело да промени“, појасни тој.
Ако оваа свест допре до владејачката елита, тогаш да, тогаш првиот човек на државата ќе дејствува во пресрет на она што гласачите и луѓето што носат одлуки на различни нивоа очекуваат од него. Тогаш нешто може да се промени, нагласи Владимир Путин во интервјуто за Такер Карлсон.
Инаку, Карлсон, кој е познат по запалива реторика и ширење теории на заговор, претходно изјави дека дел од неговата должност е „да ги информира луѓето“. – Две години од почетокот на војната што го преобликува целиот свет, повеќето Американци не се информирани, рече тој, обвинувајќи ги за тоа „корумпираните“ медиуми.
Карлсон беше отпуштен од неговата моќна позиција во Фокс њуз минатата година поради скандали и тужби со кои се соочува каналот поради неосновани тврдења за изборна измама. Набргу потоа, тој започна свое шоу на социјалната платформа Х.