Американскиот државен секретар Блинкен на 16 месецов доаѓа во Тирана

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе ја посети Тирана на 16 февруари, јави Топ чанел.

Дипломатски извори во Вашингтон за телевизијата потврдиле дека се работи на финализирање на деталите за оваа посета, прва на Блинкен на Албанија, од 2021 година кога го презеде раководството на американската дипломатија.

-Засега не е позната примарната цел на оваа посета, но се сугерира дека таа доаѓа како американска благодарност за Албанија, како сојузник на САД и во НАТО. Минатата година, секретарот Блинкен позитивно ја коментираше улогата на Албанија во Советот за безбедност на ОН, наведува Топ чанел.

Додава дека токму Блинкен во мај 2021 година го прогласи поранешниот албански премиер, Сали Бериша „нон грата“ за САД поради вмешаност во корупција и поткопување на демократијата, што беше „придружено со фронтален напад на Бериша врз Блинкен“.

Тој е четврти американски државен секретар што доаѓа во посета на Албанија.

Првата посета на американски државен секретар на Тирана е онаа на Џејмс Бејкер, на 22 јуни 1991 година, втората е на Медлин Олбрајт на 19 февруари 2000 година, кога таа одржа говор и во албанскиот парламент, а на 14 февруари 2016 во посета на оваа земја беше Џон Кери.