Политичката ситуација, законот за јазиците, спорот за името и евроатлантската интеграција биле теми за кои денеска разговарале претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стафансон.
– Ахмети заклучи дека конечното усвојување на Законот за јазиците претставува крунисување на заедничкиот успех на локалните сили и меѓународната заедница во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Овој меѓународно загарантиран документ е меѓу најуспешните мировни договори и заокружувањето на неговиот нормативен дел не треба да се користи за дневна политика од страна на опозицијата и господинот Иванов, соопшти ДУИ.
Ахмети истакнал дека парламентарното мнозинство и владата продолжуваат со реформската агенда и изразил уверување дека на 17 април Македонија ќе добие чиста препорака за почеток на преговорите со Еворпската унија.
Од ДУИ информираат дека Ахмети и Стафансон разговарале и за можноста за постигнување решение за спорот за името со Грција и дека, како што е наведено во соопштението, се согласиле дека „овој надежен процес треба да заврши со достоинствен компромис за двете страни“.