Во сабота закажано Централно собрание на Алијанса за Албанците во Скопје

Во сабота во 13 часот во Скопје е закажано Централно собрание на Алијанса за Албанците. Поканата до членовите на Собранието е испратена и потпишана од организацискиот секретар на партијата Исен Шабани, а на документот за одлуката за свикување на состанокот и за дневниот ред е потпишан претседателот на Централното собрание на партијата, Зијадин Села.

Како што се наведува во поканата, прва точка на дневен ред е извештајот на претседателот на партијата околу политичките случувања во врска со наредните претседателски и парламентарни избори, а втората точка е разгледување на одлуката на Претседателството на партијата од 21 октомври минатата година, околу настапот на партијата на парламентарните избори. 

Одржувањето на Централното собрание доаѓа откако претседателот на АА, Арбен Таравари најави дека партијата на претстојните парламентарни избори ќе се приклучи кон албанската опозиција.

– Верувајќи непоколебливо во моите колеги партиски членови и во нашата заедничка визија, барам доверба дека Алијансата за Албанците ќе влезе во изборна трка со албанската опозиција, а заедно ќе го направиме најдоброто за оваа држава!, напиша во саботата Таравари на својот официјален фејсбук профил. Тој исто така побара поддршка од Централното собрание за оваа одлука.

Таравари доби поддршка од министерот за здравство Фатмир Меџити, а му се спротивставија поранешниот прв човек на партијата Зијадин Села, министерот за правда Кренар Лога и потпретседателката на АА Илире Даути. Тие го обвинија Таравари дека тој како поединец не може да одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.

По изнесениот став на Таравари, Зијадин Села на прес-конференција во Тетово јавно потенцираше дека е против одлуката АА да се приклучи на албанскиот опозициски фронт на претстојните избори. Тој смета дека партијата треба да оди самостојно на избори, а конечната одлука да ја донесат партиските тела.

Поддршка за Таравари дадоа 19 членови од последниот состав на Академијата на Алијансата за Албанците, стратешко-советодавно тело одговорно за изградба на партиските политики.

-Изразуваме целосна доверба и безрезервно го поддржуваме лидерот на Алијансата за Албанците, д-р Арбен Таравари, на патот што го трасираше за да се направат сигурни промени во албанскиот политички блок, соопштија од Академијата.

Несогласувањата меѓу членството во Алијанса за Албанците деновиве ескалираше во физички пресметки и закани. Викендот физички беше нападнат Дритон Небиу, директор на Агенцијата за управување со одземен имот, а вчера пред домот на Таравари беше пронајден неиспукан куршум.