ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН
Прилеп е град на историја и култура, на митови и легенди, на вистини и премрежиња, на борби и триумфи, кој за првпат се споменува во далечната 1014 година. Во градот на Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски на 11 Октомври (листопад) 1941 година, кај Участакот, во бугарската полициска станица пукнала првата пушка, со што се означил почетокот на големото антифашистичко народно востание. Денес Прилеп е и град на културните вознеси, град на традициите, новото и урбаното
Прилеп, градот на Ѓорѓија–Џорџ Атанасоски е град на цивилизациите и револуционерното културно–историско минато на сегашноста и иднината, град кој е меѓу најопеаните и најубавите, а со околу осумдесетте илјади жители спаѓа и меѓу најголемите населени места во Република Македонија.
Од пред илјада години бил вгнезден, а денес е широко распослан во северните делови на најголемата котлина на житните полиња – Пелагонија, опкружен со Марковите кули и планините Бабуна и Дрен. Од која страна и да ве води патот кон Прилеп, се отвора видик со убавата и раскошна панорама на овој крстопат на патиштата што водат кон Битола, Кичево, Крушево и Македонски Брод, а се наоѓа на околу 170 километри од престолнината – Скопје.
Љубезните и пресретливи прилепчани секогаш со отворено срце ќе ви посакаат срдечно добредојде, отворајќи муабет со кафе – локум, па и домашно вино и ракија. Ќе ви раскажуваат делови од богатата приказна и интересниот летопис на минатото и сегашноста. За многуте настани и личности, за прастарите археолошки откритија кои го вброија во значајните локалитети, за манастирите како Трескавец и Зрзе, за чаршијата, Саат кулата. А секако и за седенките, мајтапите, чалгиите и серенадите.
Според едно предание, градот името го добил по тоа што луѓето, кои почнале да се доселуваат овде, своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко. Според други, се споменува дека градот бил прилебно место, место каде што се печел убав леб и поради тоа бил наречен Прилеп.
Прилеп е град на историја и култура, на митови и легенди, на вистини и премрежиња, на борби и триумфи, кој за првпат се споменува во далечната 1014 година. На неговите простори има најрепрезентативни споменични целини од дамнина, кои се наоѓаат на археолошките локалитети.
Како најважен локалитет несомнено е Стибера во Чепигово, во централниот дел на Пелагонија, потоа со своите подвизи и бестрашност низ македонските, балканските, светските и антифашистичките буни, востаија и војни. На 11 Октомври (листопад) 1941 година, кај Участакот, во бугарската полициска станица пукнала првата пушка, со што се означил почетокот на големото антифашистичко народно востание.
Во него учествувале над осум илјади борци и помагачи од овој крај. За својот Прилеп и својата Македонија животот го дале 650 борци, од кои петнаесет се прогласени за народни херои. Така, Прилеп заслужено го добива епитетот – Прилеп – град херој.
Од неговите пазуви потекнува и првиот претседател на првата слободна македонска држава Методија Андонов-Ченто, како и други познати херои: Кузман Јосифовски-Питу, Мирче Ацев, Кире Гаврилоски, Рампо Лефката, а пред нив, Ѓорче Петров, Пере Тошев и многу дтуги.
По воените пустоши, во 1945 година, народот од Прилеп и Прилепско со свои раце, со својот ентузијазам, решителност и самоодрекување, од пепелот го издигнаа, го изградија и го развија својот град. Никнуваа школи, амбуланти, патишта, погони и фабрики. Се развиваше еден нов живот, нов слободарски и градителски импулс и полет. Доаѓаше новото време и новите предизвици.
На пазарите во светот се препознатливи и барани висококвалитетните прилепски тутуни и тоа од најголемите произодители на цигари. Тутунскиот комбинат беше најголем во земјава, додека Институтот за тутун прв почна со генетиката во земјоделството на Балканот. Исто така, Прилеп е градот на мермерот на широките балкански простори. Во него има компании кои се со висока технологија, иновативни кадри и широка палета производи барани од бизнис-заедницата.
Брендовите како „Витаминка“, „Мермерниот комбинат“, „Пиварницата“, „Микросам“, „Жито – Прилеп“, како и од металната, хемиската, текстилната и дрвната индустрија, одамна го свртија вниманието на трговците и потрошувачите.
Меѓутоа, Прилеп е и град на културните вознеси, град на традициите, новото и урбаното. Има прекрасно уредено централно градско подрачје, паркови и фонтани, со мермерни и други статуи, со инспиративниот споменик на најголемиот воин и стратег, царот Александар Македонски, спонзориран и изграден од Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски.
Во Домот на културата „Марко Цепенков“ се одржува престижниот Републички фестивал на театрите „Војдан Чернодрински“. Низ сокаците и плоштадите се организира најмасовниот Пиво-фест во земјата, посетен и од триста илјади посетители од Македонија и светот, а Прилеп влезе и во Гинисовата книга на рекорди по ненадминатиот број на посни сармички направени од вредните раце на домаќинките.
Од овој град потекнуваат многу имиња од областа на книжевноста, театарот, музиката, сликарството, скулптурата, филмот и науката, имиња кои оставија трајни вредности во сеопштата културна мапа на Македонија и пошироко.
Прилеп, градот на херојството и непокорот, премостува векови. Цел еден милениум од прапочетоците, па натаму со војни, иселувања, но и со титанската слободарска и градителска сила и моќ на неговиот народ, е впишан во археолошките, историските и цивилизациските страници и други страници, како светол пример во колективната меморија.
Денес Прилеп е модерен град посетуван од илјадници намерници и туристи од повеќе страни на светот. Гостољубивоста, срдечноста и отвореноста на домаќините го прават посебно привлечна туристичка дестинација, која е веќе впишана во проспектите и мапите на туроператорите од многу земји на планетава.
Прилеп, градот на Ѓорѓија –Џорџ Атанасоски ги прави големите чекори на својот пат кон иднината во првите децении од третиот милениум, со што го зголемува богатиот мозаик на македонскиот народ и на Македонија.
Продолжува
Пишува; СЛАВЕ КАТИН