Основач на Заводот и најзаслужен за афирмацијата на Охридското Езеро во земјата и во светот беше, секако, професорот д-р Синиша Станковиќ. Уште со неговото прво доаѓање во Охрид и со почнувањето на пионерските испитувања на Езерото и на неговиот жив свет, тој се носел со идејата за отворање лимнолошка станица на брегот на Охридското Езеро.
Така, во 1935 година, на истекот на Билјанините Извори, во непосредна близина на Охрид, изградена е денешната стара зграда на Заводот, подоцна поврзана со каналот, кој води од Заводот до Езерото. Во исто време, почнало да се гради и мрестилиштето за оплодување, развиток и за вештачко одгледување на млади рипчиња на охридската пастрмка.
Треба да се нагласи дека мрестилиштето е мошне важен дел на Заводот. Така, само во периодот 1935-84 година, Охридското Езеро е порибено со околу 240 милиони млади рипчиња. Исто така, вршени се порибувања со охрдиска пастрмка на водите од Преспанското Езеро, акумулацијата Власина во Србија и на некои други води. Во пет зимски сезони, пак, во мрестилиштето е извршено одгледување на охридската белвица.
Хидробиолошкиот завод доживеа полн процут по Втората светска војна, со конституирањето на Република Македонија. Тогаш се организираше по примерот на два многу познати центри во Европа: Лимнолошката станица на Лунцкото Езерео – во Австија и Макспланковиот завод во Плен, во Германија.
Така, во Хидробиолошкиот завод се отворија лаборатории за физичко – хемиски проучувања на водата и на тињата, за микробиолошки проучувања, за проучувања на фитопланктонот, зооплантконот, фауната на дното и рибните популации, со соодветен научен и помошно – технички персонал. Исто така, во Заводот успешно работи библиотека со фонд од повеќе од 15.000 книги, која врши размена и има соработка со огромен број библиотеки, институции и установи во земјата и во светот.
По конституирањето на државноста на Македонија, Заводот беше под непосредно раководство на Министерствата за просвета и за земјоделство, а од формирањето на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“, под Филозофскиот факултет, а подоцна под раководство на Природно – математичкиот факултет.
Од 1950 до 1954 година, Хидробиолошкиот завод беше сојузна установа, под раководство на Академскиот совет на тогашна ФНРЈ, а од 1954 до 1961 година повторно е републичка установа во рамките на Скопскиот универзитет. Со формирањето на Фондот за научни дејности на Македонија, се одвои од Универзитетот и од 1961 година е самостојна научна организација, финансирана од Фондот за научни дејности.
Подоцна, како таква стана членка на Универзитетскиот центар за биолошки и за биотехнички науки, додека, пак, од 1979 година Хидробиолошкиот завод стана организација – членка на Универзитетот во Битола.
Карта на поранешна Југославија
За активноста на професор Станковиќ на научното поле, д-р Милан Бартош, професор на Правниот факултет во Белград, општественик и потпретседател на Српската академија на науките и уметностите, го рече следново:
„Според својот темперамент, д-р Станковиќ беше во исто време умерен, но и мошне енергичен човек. Уживаше почитување од своите пријатели и од своите противници. Авторитетот на долгогодишен професор на Универзитетот му даваше легитимација кај противниците, за држењето за време на војната, почитување, како и сериозноста на неговите ставови.
Професорот Станковиќ беше не само член на сите југословенски, туку и на голем број странски академии, меѓу кои и на Советскиот Сојуз, Франција и други. Во сите нив дејствуваше и како голем Југословен и како научен работник со широк спектар. Во Советскиот Сојуз е забележителна неговата теза за потребата од паралелно проучување на Бајкалското и Охридското Езеро.
Како висок интелектуалец, проникнат со марксистички сфаќања (го преведе на српско – хрватски јазик Лениновото дело „Материјализам и емпириокритицизам“), пишуваше на мошне популарен начин, со едноставен јазик, а своите идеи им ги објаснуваше не само на студентите, туку и на работниците. Сите рибари од Охрид и од рибарските села на брегот на Охридското Езерото му беа блиски пријатели“.
Уште пред Втората светска војна, професор Станковиќ беше обележан како напреден политички работник, јасно определен за тезите на историскиот материјализам. За сите поважни прашања тој имаше свој став, за што напредните високошколци му беа наклонети и ги следеа неговите напредни идеи.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН