ДАЛИ ФОНДАЦИЈАТА „АТАНАС БЛИЗНАКОВ“ПО 44 ГОДИНИ Е НА РАСПЕТИЕ

Новиот распишан конкус за стипендирање на 40  талентирани студенти преку организацијата „Македонија 2025“ и Универзитетот „Свети Кирил и МетодиЈ“ (УКИМ) преку фондацијата „Атанас Близнаков“  е повод за овој текст. Во него, меѓу другото, се вели: „ Стипендиите се доделуваат на редовни студенти кои ќе се запишат во прва година на прв циклус на студии на сите факултети при Универзитет „Св. Кирил и Методиј„ во Скопје, кои постигнале исклучителни резултати и успех во средното образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но и кои немаат доволно средства за продолжување на образованието на факултет или област од интерес“.

Инаку, фондацијата „Атанас Близнаков” при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје е прва од ваков вид во Македонија, која постои  44  годишно и која создава голем интерес кај студентите, јавноста во Република Македонија и меѓу македонските иселеници во странство. Тоа, пред сè, е гордост и радост на своите донатори Атанас Близнаков и неговата сопруга Славка; подарок за младите и за Македонија, но и поттик за другите добродетели, без разлика каде живеат, да им помогнат во забрзувањето на економскиот и културениот развој во својата земја.

Фондацијата има свој Статут по кој работи. За остварување на целите и задачите на Фондацијата се грижи Управен одбор чиј претседател е ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а потпретседател и доживотен член е авторот на овие редови Славе Катин.

За животот и делото на Атанас и Славка Близнакови се напишани две моногравски дела. Монографијата „Атанас Близнаков” (2000), на македонски јазик во издание на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и тогашното Министерство за иселеништво на Република Македонија од Славе Николовски-Катин  и монографијата „Атанас Близнаков” (2017), на македонски и на англиски јазик. во издание на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” исто така од Славе Катин.

Монографиите се документи за Атанас Близнаков, доблесен иселеник, за кого постојано ќе навираат спомени, а најмногу ќе се потсетуваат студентите – стипендисти на Фондацијата ,,Атанас Близнакоф”, за неговото хумано и патриотско дело, зашто тој останува да живее во историјата на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, на македонското иселеништво, на македонскиот народ и на Република Македонија.             

Во двете монографии за Атанас Близнаков се прави обид да се фрли светлина врз неговиот животен пат, со посебна нагласка на неговата донаторска дејност. Трудовите се компонирани во повеќе делови, во кои секој има по повеќе глави, претставувајќи хронолошка и тематска заокружена целина, иако во основа тие меѓусебно се надоврзуваат и се дополнуваат.

Животната приказна за најголемиот донатор од македонското иселеништво Атанас Близнаков започнала на 15 декември 1901 година во познатото револуционерно село Д’мбени, Костурско, во егејскиот дел на Македонија. Селото во кое се родени плејада предвоени македонски борци и интелектуалци, меѓу кои, Лазар Поп Трајков, Лазо Москов, Лазо Трповски, Ташко Караџа и други кои се бореле за афирмација на македонските идеали.

Атанас Близнаков е еден од најистакнатите донатори од македонската дијаспора. Неговото име и дело се добро познати меѓу Македонците во Република Македонија и во македонското иселеништво. Тој припаѓаше на прогресивната генерација на Македонците на северноамериканскиот континент, кој помина долго време, далеку од неговата татковина.

Иако најголемиот дел од своето постоење го минал во емиграција, Близнаков до крајот на својот живот остана со проблемите на Татковината. Тој не се покажа како обичен печалбар, туку како личност што насстојуваше да навлезе во суштината на македонската слобода, убава и правдољубива идеја, гледајќи ги работите со многу сериозен пристап, со што се издигна над времето во кое живееше.

Во целиот свој животен пат делбата на Македонија ја сфаќаше како трагедија и погуба за македонското дело. Затоа со формирањето на Фондацијата ,,Атанас Близнаков”, тој беше убеден дека ќе даде драгоцен придонес за Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј”, за македонскиот народ и за Македонија, а во исто време тоа ќе претставува поттик и инспирација за идните генерации во иселеништвото и пошироко.

Атанас и Славка Близнакови копнееле да ја посетат слободната македонска држата и таа своја желба првпат ја реализирале во јуни 1958 година. Неопислива била радоста на овој наш иселеник, како и на неговата сопруга Славка од сето она што го гледале на секој чекор. Се ределе посети во Матицата на иселениците од Македонија, на Универзитетот, Болницата, насекаде.

Осумнаесетти април 1977 ќе биде запишан со златни букви во аналите на Фондацијата “Атанас Близнаков”. На тој ден, 148. пленарна седница на Советот на Универзитетот Св Кирил и Методиј од Скопје се одржа и тоа е свет момент, на прославата за македонските академски институции, како и значаен настан во животот на Атанас Близнаков и Славка. Всушност, на 18 април 1977 година камен-темелникот на оваа добротворна организација беше поставен.

На седницата беше донесена одлука за основање на Фондацијата “Атанас Близнакоф”, да обезбеди стипендии за студентите на Универзитетот Св Кирил и Методиј од Скопје во втора година, кои постигнале извонредни резултати во нивните студии, но кои немаат доволно пари да плаќаат за нивното образование.

Првите стипендии се доделени на 10 студенти, за постепено таа бројка да се зголеми на 50 студенти. Заклучно со учебната 2019/2020 година стипендија имаат добиено околу 350 студенти. Мнозина од нив, по дипломирањето, се вклучија во образовниот процес на Универзитетот како асистенти, доценти и вонредни и редовни професори.

Голема благодарност од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје и од студентите и почит кон починатите Атанас Близнаков и неговата сопруга Славка Близнакова. Затоа, име „Атанас Близнаков“ го носи Домот за посдипломци во Скопје.

Меѓутоа, се прашуваме дали со новиот распишан конкус за стипендирање на 40  талентирани студенти во прва година преку организацијата „Македонија 2025“ и Универзитетот „Свети Кирил и МетодиЈ“ (УКИМ) преку фондацијата „Атанас Близнакоф“  доаѓа до раздвојување и таа е  на распетие бидејќи располага со околу 5,5 милиони американски долари.

Инаку, организацијата „Македонија 2025“ е основана во 2007 година во Краун Поинт, Индијана, а канцеларијата во Скопје е отворена во 2011 година. Оваа организација има за цел да го поттикнува економскиот развој и привлекувањето на странските инвеститори во Македонија, а целта на нејзината мисија е Македонија во 2025 година да биде многу блиску до развиените земји во Европа.

Во Бордот на директори на „Македонија 2025“ се: Робер Арсо, претседавач (чермен) на Бордот, Вера Арсоф заменик претседавач (чермен), како и коосновачите Мајк Зафировски, Џон И. Битов и Митре Кутановски. Во Одборот членуваат уште: Зоран Мартиновски, Живко Мукаетов, Крис Павловски, Игор Поповски, Питер Симеон, Џим Никополус, Роберт Стевановски и д-р Невенка Димитрова.

Според зборовите на Мајк Зафировски, „Македонија 2025“ нема свој инвестициски фонд бидејќи тоа не е дел од работата на организацијата. Но, во тој поглед, ние го иницираме, го промовираме и на индивидуална база учествуваме со инвестиции во Фондот СЕАФ Мак 2. Фондот  има 8 успешни бизнисмени со македонско потекло кои инвестираат. Фондот ќе реализира инвестиции во средни компании кои имаат стратегија за развој на бизнисот и план за извоз на странските пазари. Дополнително, ја поддржуват и платформата Homestrings.org која овозможува да се инвестира со помали износи како и следење на состојбата на Фондот.

Ова е прв ваков Фонд во светот, каде УСАИД дава гаранција за инвестираните средства. Македонците од дијаспората треба да ја разгледаат оваа опција и да инвестираат во портфолиото со неколку надежни мали и средни компании во Македонија“, нагласува Мајк Зафировски, еден од главните личности на „Македонија 2025“.

Да се надеваме дека нема да дојде до изреките на македонскиот писател Ристо Крле „парите се отепувачка“ и на познатиот бизнисмен  Стив Пљакас „без пари доаѓа умирачка“.

1slave 1 Пишува: СЛАВЕ КАТИН