ДАЛИ ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА БИЛА УКИНАТА, ИЛИ И’ БИЛО ЗАБРАНЕТО НЕЈЗИНОТО ВЕРСКО РАБОТЕЊЕ?

Кога се пишува за Македонската православна црква, се наметнува прашањето за  укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година. Со сет респект на историските податоци, меѓутоа, во овој текст ќе направиме разлика меќу термините „забрана“ и „укинување“ на Охридската архиепископија преку документите од Истанбулскиот архив на Мустафа Берекетли 

Според историските документи, во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века, сè до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.

Во историските податоци на почитуваниот Повардарски митрополит Агатангел, пак, во текстот под наслов „Неканонското укинување на Охридската архиепископија од страна на турскиот султан“, објавен во „Македонска нација“ на 04 декември 2019 година, меѓу другото се вели:

 „Цариградската патријаршија лукаво ја искористила немаштијата и немоќта на Македонската православна црква и настојувала пред Високата Порта да докаже дека единствено таа може да ги врати долговите на Охридската архиепископија, доколку оваа биде укината и приклучена кон неа. Дури успеала да постави и свој човек, Ананиј, на чело на Македонската православна црква. Но, македонските епископи, со цел да ја сочуваат автокефалноста на Архиепископијата, не го прифатиле Ананиј и на негово место, на својот редовен архијерејски собор за архиепископ го избрале Пелагонискиот митрополит Арсениј, Македонец, што ќе биде и последен македонски архиепископ до укинувањето на Архиепископијата со султанското иреде“.

Во таквите услови, прилики и неприлики, Арсениј под притисок на турската власт, дал писмена оставка на 17 мај 1767 година. Со неговата оставка е укината Охридската архиепископија – Македонската православна црква. Тогашниот патријарх Самоил со помош на влијателни Грци и Турци издејствувал „Султанско иреде“, со кое била укината Охридската архиепископија (Македонската православна црква), а нејзините епархии се присоединиле кон Цариградската патријаршија. „Султанското иреде“ забранувало да се примат какви и да е жалби против укинувањето на Архиепископијата, а со тоа биле оневозможени протестите од секој вид. На крајот демонската лукавост и алчност на Грците победила, со што на православието воопшто му бил нанесен тежок пораз, со несогледливи последици во вековите што претстојат.

Во следниот период односите се’ повеќе се заострувале. Цариградската патријаршија постојано вршела притисок врз Охридската Архиепископија настојувајќи да ја има целосната контрола над неа. Со поставувањето на Цариградски патријарх во Костурската, Струмичката и други македонски епархии, односите уште повеќе се заостриле. На охридскиот престол бил поставен прогрчки архиепископ. По неговото протерување на престолот дошол митрополитот Арсениј. Со разни интриги, Цариградската патријаршија извршила голем притисок врз Охридската архиепископија, па таа во 1767 годинна на 16 јануари, била укината. Митрополитот Арсениј бил принуден да потпише „доброволна“ оставка, е забележано во аналите на Охридската архиепископија. 

Големата невистина се состои во тоа дека со толку спомнуваното „Султанското иреде“  турската Порта, додека отоманска Турција била  во Македонија, не извршила укинување – како што тоа некои упорно го тврдат – туку само го забранила административното работење на Охридската архиепископија, апсолутно не забранувајќи го нејзиното верско работење со македонската паства.

Сите дотогаш постојни цркви и манастири продолжиле слободно да си ја вршат својата функција без никакви притисоци од турските власти. Доказ за тоа е и изградбата на повеќе од 90 отсто од македонските цркви, по воведувањето на т.н. „Султанското иреде“.

Меѓутоа, православните цркви на Србија, Русија, Бугарија и Грција, а со нив и Цариградската патријаршија, упорно го лажеле и сè уште го лажат македонскиот народ дека Македонската православна црква не може да биде автокефална поради тоа што во XVIII век турската Порта ја укинала!?

Значи уште тогаш – на почетокот од третата третина од XIX век, Охридската архиепископија – покрај нејзиното верско работење, кое никогаш не й било забрането, повторно слободно можела да ги врши и административните работи на македонската територија! Така, необично многу е чудно, што Македонската црква продолжила да се чувствува како неавтокефална, иако за тоа немало веќе никакви причини!

Од друга страна, пак, според професорот по воена историја Ванче Стојчев: во 1870 година Турскиот султан донел ИРАДЕ за враќање на Автокефалноста на Охридската архиепископија, но овој документ бил стопиран под притисок на Руската црква.

Со сет респект на историските податоци во врска со укинувањето на Охридската архиепископија (Македонската православна црква). Меѓутоа, според господинот Мустафа Берекетли, македонски Турчин кој беше роден во Македонија, во Велес, каде ги поминал детските денови и неколку години учел во македонско училиште, вистината е поинаква. Имено, според него кога отоманска Турција била  во Македонија, не извршила укинување – како што тоа некои упорно го тврдат – туку само го забранила административното работење на Охридската архиепископија, притоа не забранувајќи го нејзиното верско работење со македонската паства. Затоа, тој прави разлика меќу термините „укинување“ и „забрана“. Тоа го потврдува со повеќе значајни документи за македонската историја кои ги нашол во Истанбулскиот архив.

Мустафа Берекетли беше истражувач, публицист и советник во Општината Адалар во Истанбул и беше докажан пријател на Македонија Тој во својата душа постојано го носеше родниот град Велес: го посетуваше, остваруваше контакти и се бореше за иднината на градот како најдобар велешанец при што направи Велес да се збратими со Општината Адалар. Исто така, Мустафа  Берекетли беше еден од главните организатори на големиот научен симпозиум посветен на Фети Окијар, истакнат политичар, дипломат и најблизок соработник на Кемал Ататурк,  роден во Прилеп. Симпозиумот се одржа на Бујукада, на островите карши Истанбул.

Како човек кој ги познаваше економските, политичките, културните и други врски и различности меѓу Турција и Македонија имаше повеќе интервјуа во информативни гласила, во Македонија, меѓу кои и во весникот „Бирлик“ од Скопје.

Меѓу другото, во весникот „Бирлик“ Мустафа Берекетли го имаше изјавено следното: „Јас го пронајдов ферманот со кој на 14 март 1870 година по налог на султанот Абдул Азис се укинало заедништвото на словенските народи со Цариградската патријаршија. Постои уште постар документ од 1849 година во кој свештеник од велешкото Башино Село му се заблагодарува на султанот Абдул Меџит, кој им дозволил да држат богослужба на свој народен јазик. Му се обратил со зборовите: „Наш цар и татко, вие не спасивте од влијанието на грчката црква, па ние сега кажуваме Библија на наш јазик“.

Според Мустафа Берекетли и документите кои тој ги поседуваше за автокефалноста на Македонската православна црква, се’ започнува или се јавува  како проблем кој произлегува од еден декрет наречен „Султанско ираде“ издаден од Турската Порта во XVIII век, со кој Охридската архиепископија т.е. Mакедонската автокефална црква, наводно, била укината.

Притоа, Берекетли пишува: „Со години православните цркви на Србија, Русија, Бугарија и Грција, а со нив и Цариградската патријаршија, упорно го лажеле и сè уште го лажат македонскиот народ дека Македонската православна црква не може да биде автокефална поради тоа што во XVIII век Турската Порта ја укинала.!?

Големата лага се состои во тоа што со толку спомнуваното „Султанското ираде Турската Порта, додека отоманска Турција била  во Македонија, не извршила укинување – како што тоа некои упорно го тврдат – туку само го забранила административното работење на Охридската архиепископија, апсолутно не забранувајќи го нејзиното верско работење со македонската паства“.

Исто така, господинот Берекетли го запишал и следното: „Речиси сите цркви во Македонија – (освен некои кои биле урнати откако Турција по 1912 година веќе не била присутна на македонска територија, како и сосема мал број изградени по Втората светска војна) се градени со официјални дозволи – локација, дозвола за градба, урбанистичка согласност кои биле издавани и одобрувани од Турската Порта. Ова е непобитен аргумент, дека со „Султанското ираде“  не било извршено укинување на Охридската архиепископија.

Во почетокот на 1836 година, за време од четириесеттина години – Турција извршила радикална трансформација на нејзиното општество завршно со 1872 година, ги укинала сите  претходни теократски хатишерифи – декрети и закони, меѓу кои и одредбата со која била извршена забрана за административно работење на Охридската архиепископија. 

Значи, уште тогаш – на почетокот од третата третина од XIX век, Охридската архиепископија – покрај нејзиното верско работење, кое никогаш не и’ било забрането, повторно слободно можела да ги врши и административните работи на македонска територија“, забележал Мустафа Берекетли, со надеж дека науката ќе ја обелодени вистината за „укинувањето“ или за „забраната“ за верското работење на Охридската архиепископија.

 1slave 3 Пишува: СЛАВЕ КАТИН