СИНИША СТАНКОВИЌ И НЕГОВИТЕ ПРВИ ИСТРАЖУВАЊА НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО (3)

Според податоците од академик Синиша Станковиќ, тој за првпат дошол во Охрид во 1922 година како доцент на Белградскиот универзитет. Откако го видел Охридското Езеро станал вљубеник до крајот на својот живот и остана ненадминат познавач на езерскиот жив свет. Меѓутоа, за важноста на Охридското Езеро знаел уште како студент, од проучувањата на виенските зоолози Ф. Штеидахнер и К. Стурану, кои во 1892 година откриле во Охридското Езеро извесен број ендемични риби и полжави.

Потоа, од обемните и значајните географски, геолошки и хидролошки истражувања на познатиот српски географ Ј. Цвијиќ, од значајните трудови на Ж. Ѓорѓевиќ, С. Караман, Е. Новак, Ф. Космат, Ф. Гебел и други кои извршиле обемни хидролошки, флористичко – фаунистички, лимнолошки и други проучувања на Охридското Езеро и на неговата околина.

Сите претходници заклучија дека Езеро е многу старо, а е старо најмалку два милиони години и богато со особен растителен и животински свет кој живее само во Охридското Езеро или во еден тесен регион околу него. Извесен број растенија и животни се сосем идентични или блиски на некои фосилни остатоци на Балканскиот Полуостров и на Средна Европа. 

Познато е дека познатиот српски научник Јован Цвијиќ на крајот на деветнаесеттиот век, во Македонија, особено на Охридското Езеро ги извршил своите фундаментални географски, геоморфолошки, еколошки и лимнолошки испитувања, врз чии резултати и дела се засновуваат познавањата за Езерото, за неговата котлина, нејзиниот состав и потекло.

1bliz333

Хидробиолошки завод во Охрид

          Професорот Синиша Станковиќ, пак, ги започнал своите истражувања од физичко -хемиските карактеристики на водата и на биоценотичкиот состав на одделните живи  единки до обемните флористички и фаунистички испитувања. За обработка на тие материјали, тој ангажирал голем број надворешни соработници од земјата и од светот, кои дадоа драгоцен придонес за откривањето на карактерот на Охридското Езеро и на големиот број ендемични видови,  потфамилии и фамилии од  флората и од фауната што го населуваат Охридското Езеро и околните води.

          Сумирајќи ги резултатите од истражувањата, како и од поранешните географско -геолошки изучувања, во своето значајно дело „Фауната на Охридското Езеро и неговиот жив свет“, објавено на германски јазик, направи крупни генерализации за потеклото и за фауната на Охридското Езеро и неговото биогеографско значење.

         Кога се зборува или се пишува за Охридското Езеро, секогаш се мисли на безбројните нишки кои Хидробиолошкиот завод ги негува за безбедниот развој и за безбројните истражувања на живиот свет на Езерото и на околните води, како интегрален и нераскинлив дел на природата на овие простори.

          Хидробиолошкиот завод е еден од првите четири научни институции во Македонија, а истовремено и е една од првите установи од таков вид на Балканскиот Полуостров. Од 1951 година, дотогашната Хидробиолошка станица прерасна во Завод, продолжувајќи ја својата научна дејност како важна институција во Македонија.

          Во врска со Хидробиолошкиот завод, особено интересно е да се спомне 1934 година кога во тогашна Југославија се одржал Седмиот светски лимнолошки конгрес, а во таа пригода била изведена постконгресна екскурзија на Охридското Езеро. Притоа, учесниците на конгресот, на самото место биле запознати со неговото значење, реткиот жив свет во него,  исклучителното богатство на флората и на фауната, со постанокот и со голем број други карактеристики на Охридското Езеро.

Продолжува

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН