Борел: Ако не ја поддржи Украина, ЕУ ќе плати многу висока цена

Руската агресија врз Украина е најголема закана за европската безбедност и доколку не ја поддржиме земјата ќе платиме многу висока цена, изјави денеска високиот претставник за заедничка и надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел пред почетокот на специјалниот Самит на Унијата, на кој се расправа за усвојување на ревизијата на Повеќегодишната финансиска рамка на Унијата за периодот 2021-2027 година, која во најголем дел вклучува обезбедување средствата за поддршката за Украина.   

– Поминаа речиси две години откако Русија ја започнаа оваа неправедна војна против Украина, сакајќи да ја уништи земјата и да ја раздели на делови и продолжува да го прави тоа. Затоа ние можеме и мораме да направиме повеќе за да ја поддржиме Украина, додаде Борел.    

Тој нагласи дека ќе се потруди да ги поттикне лидерите на ЕУ да постигнат компромис за поддршката на Украина, бидејќи, како што нагласи, нема многу време и тоа е ургентно прашање.  

– Мора да продолжиме да работиме заедно за да ја поддржиме Украина… Има земји членки, како Унгарија, која рече дека повеќе не сака да учествува во тоа, но нема да опструира. Една работа е да не учествуваш, а сосема друга да се противиш, истакна Борел.   

Борел додаде дека на Самитот ќе стане збор и за состојбата на Блискиот Исток, пред се во Газа, потенцирајќи дека е особено важно да се продолжи со финансирањето на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), штом заврши истрагата по тврдењата за вмешаност на членови на нејзиниот персонал во нападите на Хамас врз Израел.

– Ние не можеме колективно да го казнуваме палестинскиот народ. УНРВА не смее да престане со работа, бидејќи во спротивно стотици илјади лица би биле казнети. Со прекин на финансирањето на УНРВА, се казнува целиот палестински народ, бидејќи нема алтернатива за УНРВА, ако сакаме да ги одржиме овие луѓе во живот, истакна Борел.