Николоски: ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка сила која може да се спротивстави на власта

ВМРО-ДПМНЕ е единствената реална политичка сила која што може да се спротивстави и затоа ни е потребен чист мандат со 61 пратеник, за да не бидеме уценувани од ниту една политичка партија во формирањето на влада, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на ТВ Алфа.

Николоски смета дека гласот за помала политичка партија е исто како да е глас за СДС и ДУИ.

Гласот за помала политичка партија е исто како да е глас за СДС и ДУИ. Значи треба граѓаните да одлучат дали ја поддржуваат оваа влада на СДС и ДУИ или не ја поддржуваат. Ако ја поддржуваат тогаш нека си гласаат  директно за нив. Но, доколку не ја поддржуваат, тогаш треба да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Глас на средина не постои. Затоа што тоа се фрлени во вода гласови со овој изборен модел кој што го имаме пропорционален со 6 изборни единици, а тоа е тоа што го посакуваат СДС и ДУИ.

На прашањето што очекувате од Џафери кој изјави дека ќе владее исто како до сега, Николоски рече:

Очекувам да ги гази институциите како што тоа почна да го прави од првиот ден. Очекувам да ги злоупотребува институциите од службени возила па до најголемите буџетски средства. Очекувам да се обидува да ги понижува Македонците и очекувам Македонија да ја прави не двонационална држава, туку едно национална држава, држава на албанскиот народ.

Николоски потенцираше дека ДУИ има технички премиер и покрај тоа што има само 10 проценти од пратениците во собранието, укажувајќи дека за ова е виновна СДС која прифатила ваков договор.

Во однос на бројките, политичка партија која има само 10 проценти од пратениците во Собранието, е политичката партија која што има премиер, што е газење на целокупната изборната волја. На избори луѓето излегуваат со цел да изберат свои претставници кои потоа ќе се пресликаат во владата, за да ја реализираат нивната волја. Но, за сето ова е виновно СДС, бидејќи СДС прифати ваков договор и кој што го реализира овој договор, рече тој.

Николоски изјави дека изборот на Џафери е со намера да се понижува македонскиот народ, додавајќи дека кампањата на ДУИ е дека првиот премиер Албанец на Македонија е командант на УЧК.


Кого предложија за премиер и кој е изборот е дополнително со намера, со цел да се понижува македонскиот народ, бидејќи ако ја видите нивната кампања, нивната кампања е дека првиот премиер Албанец на Македонија е командант на УЧК. Значи тие директно одат во легитимирање на терористичка организација, се со цел да ја прикажат таа терористичка организација како ослободителна војска, истакна Николоски.

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното интервју во емисијата „За или Против“ на телевизија Алфа, вели дека и покрај тоа што техничката влада е за организирање на фер и демократски изборен процес, техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ за само две се обидел да помогне на граѓаните и изнајде соодветно решение за издавање на патните исправи, проблем кој што го наследил од претходната влада и Оливер Спасовски и покрај  ограничени овластувања и ингеренции.

Треба да бидат свесни граѓаните дека ова е техничка влада, технички премиер, технички министер и немаат големи овластувања. Овластувањата и на министерот за внатрешни работи и на министерот за труд и социјала се насочени кон организација на фер и демократски избори. И треба да знаат дека тие имаат свои заменици и имаат врзан потпис, односно не можат ниту една работа да направат без другиот човек кој што е на предлог на СДС не го потпише тоа. Така што им се намалени многу ингеренциите. Но, и во вакви услови соочени со една акутна ситуација, а тоа е издавањето на лични документи, пасоши, се обиде министерот за внатрешни работи да помогне. Велам да помогне затоа што ги нема сите ингеренции, кога би бил во полн мандат, тогаш може и да ги решава проблемите. И ова е апсолутно наследен проблем кој што во изминатите 5 години Оливер Спасовски не го решаваше, дециден е Николоски.

Николоски истакна дека доколку тогашната влада на СДС предводена од Зоран Заев не го променеше името на Македонија, до ова денеска не би дошло, потенцирајќи дека граѓаните се двојно понижени, прво кога беше промената на името, а втор пат сега кога треба да вадат нови лични документи со променетото име.

И да бидеме исто така отворени и до крај директни ова е проблем кој што го создаде владата на СДС, односно Зоран Заев и Никола Димитров кој што го потпишаа срамниот Преспански договор со кој што се промени името на Македонија. Затоа што кога не би се променило името ние воопшто не би го имале овој проблем. Така што ова е едно двојно понижување на граѓаните. Ако од една страна Македонците беа понижени со промената на името, сега втор пат се понижени со тоа што треба со месеци да чекаат за издавање на пасоши или лични карти со променетото име, рече тој.

Николоски посочи дека владата на СДС е најлошата влада во историјата на Македонија, бидејќи направила најголема штети за граѓаните по основ на сите параметри.

Ако објективно ги погледнеме работите, ова е најлоша влада во историјата на Македонија. Влада која што направи најголема штета. Прво граѓаните се апсолутно понижени, се потпиша Преспанскиот договор, се промени името на државата, се потпиша таканаречениот договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, кој не е ниту за пријателство, ниту за добрососедство, од причина што се прифати дека Македонија и Бугарија, односно македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, што не е точно. Понатаму, малку беше тоа па се прифати оној предлог од 2022 година популарно наречен француски предлог, иако не е француски предлог, туку бугарски со кој што се стави уцена за Македонија да почне преговори треба да го промени Устав, дополнително на тоа економијата тоне секојдневно, а корупцијата цвета. И кралеви во Македонија, не крунисани за кои не важи никаков закон се припадниците на ДУИ, затоа што тие се тие кои што владеат во Македонија со кршење на сите закони. Тоа им го дозволи СДС и тоа се тажните резултатите за цела држава после овие скоро 7 години владеење, рече Николоски.

Потпретседателот Николоски кажа дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги реши покрупните проблеми во делот на борба со корупцијата и во функционално правна држава и во делот на економскиот развој.

Убеден сум дека не само овој, туку и многу покрупни проблеми ќе решава идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, и во делот на борба со корупцијата и функционално правна држава и во делот на економскиот развој што за мене е најзначаен, додаде Николоски.