Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, оствари средба со Боб Паскал, прв заменик помошник секретар за меѓународни работи во Одделот за внатрешна безбедност на САД, соопштија денеска од МВР.
Истакнувајќи дека средбата е симбол на зајакнатото партнерство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, во делот на внатрешната безбедност, Спасовски се заблагодарил за поддршката и помошта што ја добиваме од Соединетите Американски Држави, од Вашиот Оддел, од Одделот за Правда и Стејт Департментот, особено преку ИЦИТАП Меѓународната програма за помош за обука во криминалистичката истрага.
– Нашиот ангажман за зајакнување на внатрешната безбедност е од суштинско значење за заштита на нашите граѓани и зачувување на демократските вредности. Во таа насока од огромна важност би било спроведувањето на заеднички тренинзи, размена на информации и заеднички операции, во вид на Меморандум за соработка, со цел значително да придонесеме кон справувањето со транснационалниот криминал, тероризмот, сајбер-заканите и другите современи безбедносни предизвици, рекол Спасовски додавајќи дека експертизата, вложените ресурси и искуства од САД се од непроценлива вредност во подобрување на способностите на органите надлежни за спроведување на законите и генерално во соработката помеѓу двете земји, за која се обврзуваме да ја надградуваме и во иднина.
Како што се наведува во соопштението, од страна на прв заменик помошник секретар за меѓународни работи, Боб Паскал, било истакнато дека САД ги цени партнерствата со трети земји, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.
– Сите ваши напори кои ги правите како држава можеме да кажеме дека е во топ 10 земји кои соработуваат со САД во борбата против тероризмот и тоа многу го цениме, тоа е битно за безбедноста на сите граѓани, рекол Паскал.
Спасовски и Паскал, разговарале и за Програмата на САД за безвизен режим, како и за актуелните состојби во делот на илегалната миграција и граничната безбедност кои се од исклучителна важност за безвизниот режим.
– Заклучокот од разговорите беше дека заеднички треба да се направи се’ добрите граѓани безгрижно да патуваат, а на другите да им биде отежнато и оневозможено, се наведува во соопштението од МВР.