Џафери: Има излезни решенија за Законот за јазиците и тие се анализираат (ДПЛ)

Има излезни решенија за законот за употреба на јазиците, што неодамна беше донесен во третата фаза и за кој претседателот Ѓорге Иванов најави нема да го потпише указот за негово прогласување, и истите се анализираат, денеска најави претседателот на Парламентот Талат Џафери.

– Кое решение ќе биде поприфатливо, поприкладна во однос на функцијата на Парламентот, треба да се спроведе, рече Џафери, кој повтори дека Иванов е должен да го потпише Указот.

Во оваа фаза нема рокови во смисла на враќање на текстот во Собранието или, пак, негово упатување во „Службен весник“ за да стапи во силa.

– За исполнување на должноста нема рок, тоа значи веднаш го потпишува и го враќа назад. Тој одбива тоа да го напраави, со што го прекршува Уставот. Ако тој нема рок и другите институции немаат рок, рече претедателот на Парламентот.

Според него, Законодавниот дом не може да биде попречуван од ниедна власт да носи закон.

– Тогаш имаме проблем со демократијата и поделбата на власта според член 8 од Уставот, вели тој.

Џафери на средбата со новинарите беше дециден дека нема уште еднаш да го потпише законот за тој да биде упатен во „Службен весник.

– Јас нема да се впуштам да ставам потпис под друго име, рече претседателот на Парламентот, но не беше прецизен дали законот би можел да биде испратен во „Службен весник“ без потпис од Иванов, односно само со еден потпис.

Според Џафери, нема основа Парламентот да се обрати до Уставниот суд во врска со Законот бидејќи како што кажа, нема конфликт на надлежности.

– Надлежностите на институциите се определени со Уставот. Претседателот нема надлежност во законодавните постапки, тој има право по првото гласање да одлучи дали ќе го потпише или не, а по второто глаање веќе не се зборува за негово право, се зборува за негова обврска, посочи тој.

Кажа дека усмено барал средба со претседателот Иванов, но дека од неговиот кабинет не добил одговор и оти по ова барање заминал на пат во Женева.

Според Џафери, со пуштањето од притвор на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за настаните од 27 април биле елиминирани аргументите за пратениците од оваа пратеничка група повеќе да не учествуваат во работата на Парламентот.

Според него, усогласени се најголем дел од законите во работните групи меѓу парламентарните партии и тој очекува од идната недела ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во работата на Парламентот.

Нов обид за средба во рамки на процесот „Жан Моне“, според претседателот на Парламентот, треба да има од 17 до 19 мај во Охрид. На оваа средба, како што беше претходно најавено, треба да се разговара за измените на Деловникот на Собранието, етичкиот кодекс и за други прашања за кои има оставено простор да ги отворат пратеничките групи.

Во однос на прашањето за намалување на патните трошоци на пратениците и евентуалната можност за користење на заеднички возила и државни станови, Џафери рече дека тоа е една алтернатива, но исто така потенцира дека пратениците ќе го постават прашањето и за другите именувани и избрани лица.

Според него, земањето надомест за патни трошоци за одење на работа во Парламентот не е привилегија, туку создавање услови да може институцијата да биде функционална. Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), според Џафери, треба да создаде услови и за пртениците како и за другите избрани и именувани лица.