ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЛУ ВЛАШО – АМЕРИКАНСКИ СИН НА МАКЕДОНИЈА“
Моите обврски требаше да се преселат подалеку од ресторанот. Мајк Реген, претседател на Стопанската комора на Грејтер Нејплс (The Greater Naples Chamber of Commerce), ме покани на кафе едно утро за да разговараме за Комората. Ова ми беше позната територија, како што му реков, бидејќи пред неколку години работев во Стопанската комора на Трој, Охајо.
Накусо по нашиот разговор, бев избран за член во одборот на Нејплс во 2002 година, а подоцна станав потпретседател, каде служев неколку мандати. Исто така, неколку години бев и член на финансиската комисија.
Една од иницијативите на која и помогнав да се основа во Нејплс беше Советот за меѓународни посетители во округот Колиер (Council for International Visitors in Collier County). Тоа беше агенција во Југозападна Флорида која беше назначена да биде домаќин на ВИП странски посетители во Нејплс придружувани од американскиот Стејт департмент. Со моето учество во работите на Петтата авенија, помогнав и во тоа што Комората ја поврзав за соработка со Здружението Центарот на Нејплс и со проширувањето на Информативниот центар за посетители на Нејплс на Петтата авенија.
Но, откако бев претседател на Комората на Трој, Охајо, не бев многу заинтересиран за претседателска функција. Во 2017 година, по 15 години, се повлеков.
Добив некои признанија кои беа навистина значајни за мене во тоа време:
На годишното собрание на Комората во 2007 година ја добив наградата за волонтер на годината, за мене целосно изненадување. Пети знаеше дека ќе го добијам и некако го сокри тоа од мене. Мојот постар син, Винс, и неговото семејство дури испратија и видео со честитки, кое беше прикажано за време на презентацијата.
Во 2009 година, Комората ми врачи признание за дипломат на комората на годината. Ми беше навистина мило што улогата што ја имав во Комората доби јавно признание.
Исто така, на годишната вечера во 2007 година, Комората, на прославата на својата 60-годишнина, им даде признание на лидерите на заедницата под темата „Прославување на 60 лидери“. Ми беше чест да бидам меѓу избраните како актуелен бизнис протагонист и да бидам на списокот меѓу сите оние кои го направија Нејплс прекрасно место.
Имаше голем број други организации во заедницата во кои бев постојано ангажиран:
Област за подобрување на деловното работење на Петтата авенија Југ Инк. (Fifth Avenue South Business Improvement District Inc.): Падот наекономијата во текот на 2008 година доведе до многу празни излози на Петтата авенија, и никој во градот, кој зависеше од туризмот, не беше среќен поради тоа. Група сопственици на згради и сопственици на малопродажни објекти почнаа да се среќаваат во Вергина на кафе еднаш неделно. Разгледувавме многу идеи за тоа што да направиме за да ја подобриме деловната клима на таа улица.
Џим Смит, кој стана еден од моите најдобри пријатели, заедно со мене го презеде водството. Скип Квилен, сопственик на неколку ресторани на авенијата, ја предложи идејата за да се формира област за подобрување на бизнисот на авенијата. Решивме да ги здружиме силите со него како Област за подобрување на деловното работење на Петтата авенија Југ (БИД) (Fifth Avenue South Business Improvement District BID).
Нејзината цел би била да ја пласира и промовира Петтата авенија: брендирање, промовирање и создавање свесност за улицата кај жителите и посетителите како дестинација во која можат да живеат, работат, купуваат, вечераат и да играат. БИД ќе се финансира со проценка на сите сопственици на имот таму врз основа на даночната вредност на нивниот имот.
Ова бараше од сопствениците на имотите да се договорат меѓусебно, па тоа и го направија. Потоа моравме да го натераме Градскиот совет на Нејплс да го одобри БИД. Градот требаше да направи проценка за сопствениците на имотот на 2.5 милиони и да ја наплати. Откако градот тоа го одобри, требаше да добиеме федерално одобрение од Службата за внатрешни приходи за да работиме како непрофитен ентитет.
Тоа ни успеа. Нејплс доби репутација низ целиот свет како место кое задолжително треба да се посети, а Петтата авенија стана место кое мора да се доживее. Празните излози се наполнија и бизнисот беше добар. Сакам да кажувам дека земавме една историска и добро позната улица, им кажавме на луѓето за неа и ја направивме одлична.
Џим и јас го напуштивме одборот по 10 години, а БИД сега ги проживува следните 10 години. Една од програмите за која многу се заинтересирав – осветлувањето на палмите покрај авенијата – можеби звучи како мала работа, но даде одлични резултати.
Градот постави мали бели светилки слични на новогодишни светилки на неколку кралски палми долж авенијата и тие прекрасно изгледаа. БИД сметаше дека треба да се осветлат и палмите покрај авенијата и бевме подготвени да ги платиме трошоците.
Почнавме со барање дозвола од градот да осветли околу 40 палми, а јас добив одобрение за секоја наредна година да се осветлат дополнителни 17 дрвја, се додека целата улица не беше осветлена со мали трепкави светилки.
Денес, шест блока на Петтата авенија се осветлени секоја вечер, давајќи ѝ на улицата празничен изглед во текот на целата година. Нејзиниот блескав изглед и стана заштитен знак.
Здружение на уметниците на Нејплс (Naples Art Association): Во тек на неколку години, почнувајќи од 2007 година, работев и во управниот одбор на уметничкото здружение на Нејплс. Нејплс Арт, како што се нарекува денес, е во преден план на уметничкиот и културен пејзаж на Нејплс уште од 1954 година. Иако никогаш не сум бил многу вклучен во уметноста, ова беше можност да бидам дел од организација која навистина е позитивна за заедницата; нуди часови за деца во Клубот за момчиња и девојчиња, ветерани и многу други, а и нуди часови по уметност во општината.
Клуб за момчиња и девојки од округот Колиер (Boys & Girls Club of Collier County): Во 2003 година, Арлин Николс, најдобрата пријателка на Пети, ме замоли да станам член на Одборот на Клубот за момчиња и девојки на округот Колиер. Знаејќи каква одлична работа Клубот направи за најсиромашните деца во нашата област, со задоволство се согласив.
Бев избран за потпретседател, позиција на која бев до 2008 година. Во овој период Клубот прерасна од мала зграда во кампус со голем центар за активности, голема фитнес сала и голем базен кој опслужува над 1.300 деца.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН