Почина Ѓорги Лазаревски, кој беше познат и признат публицист и професер по македонски јазик во Битола и наставник по македонски јазик и култура во Синделфингерн, Сојузна Република Германија, испратен од Минитерството за образование на Република Македонија. Тој беше еден од основачите и претседател на „Пелагонските културно-научни средби – Новаци“.
Ѓорѓи Лазаревски или „Учителот“, како често го нарекуваа своите блиски пријатели, е роден во 1939 година во селото Бач, Битолско, а има завршено Филозофски факултет, отсек Педагогија, на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Почитуваниот Ѓорѓи Лазаревски целиот свој работен век го мина во подигање македонски генерации, особено во битолскиот крај, почнувајќи од училиштето „Мирче Ацев“ во својот роден крај, селото Бач, каде бил и учител и директор, до воспитувач во ОУ „Коле Канински“ и педагог во ОУ „Гоце Делчев“ во Битола.
Во период од осум години (1987-1995) Ѓорѓи Лазаревски беше наставник по македонски јазик и култура во Синделфингерн, Сојузна Република Германија, испратен од Минитерството за образование на Република Македонија, каде го постигна својот врв како педагог, патриот и почитувач на македонските иселеници, на македонскиот јазик и на етничка Македонија. Од 1995 до 2002 година учителот Лазаревски беше вработен во ОУ „Стив Наумов“ во Битола, од каде замина во пензија.
Исто така, Ѓорѓи Лазаревски беше еден од основачите и претседател на „Пелагонските културно-научни средби – Новаци“, .манифестација која е формирана во 2000 година во Општината Новаци. Носители на активноста на оваа манифестација се познати писатели и научни творци кои со својот личен труд дале и даваат особен придонес за науката и културата. Овие средби се од големо значење за Општината Новаци, за Битолскиот крај и во целост за зачувување на културно-научното наследство во Македонија. Се одржуваат секоја година, вообичаено во првата половина на месец октомври. Тој беше и редовен член на Македонското научно друштво – Битола,
Инаку, родното село Бач на Ѓорги Лазаревски се наоѓа во југоисточниот дел на Битолското Поле, недалеку од државната граница со Грција, во јужниот дел на територијата на Општина Новаци. Селото е рамничарско, на надморска височина од 620 метри. Од градот Битола е оддалечено 35 километри.
Така, проф. Лазаревски во Воведот на делото „Јана“ ќе забележи: „Откако ќе поминете низ селото Гермијан и го префрлите ридот на источната страна, патот се спушта кон селото Бач. Од десна страна на патот е Рудината, а лево Шупурот. Потоа пред вас се отвора убаво рамно поле кое се простира од двете страни на патот што води кон селото Скочивир и планинскиот врв Кајмакчалан. Тоа е рамнината викана Горно Јамиште, десно од патот и Долно Јамиште, лево од патот.
Низ рамнината Јамиште порано врвеше железничката пруга од село Кременица до село Живојно по која се пренесуваше јагленот од рудникот во село Живојно и се носеше во Битола за Термоцентралата која произведуваше струја и го снабдуваше градот со електрична енергија.
Во Бач се наоѓа и прекрасниот Кралски дворец кој бил изграден по завршувањето на Првата светска војна. Тој објект си имаше своја убавина и функционалност според намената за која бил граден. Многу години во тие простории учеа учениците пред изградбата на новото училиште. Денес, тој е целосно разурнат, а останале само разурнати голи ѕидови“, запишал Лазаревски
Инаку, публицистичкиот опус на Ѓорѓи Лазаревски е богат и разновиден. Меѓу бројните дела ќе ги споменеме делата: „Зведени патеки“ (Auf dem Pfad der Sterne) (1993), зборник на песни од учителите во Германија; „Монографија 50 години на ОУ „Гоце Делчев“- Битола (1994); Монографија 55 години на ОУ „Стив Наумов“ – Битола (1999); Монографија за Македонската православна црковна општина „Св. Кирил и Методиј“ – Штутгарт (2003); Монографија „Кравари“ (2006); „Дедо Кољо Добровенски, мариовско-лерински војвода“ (2012); романот „Коста Моштенецеот“ (2015) и други.
Неговата последна публикација, пак, насловена „Плачот на кларинетот“ е збирка од 24 разкази групирани во три циклуси: „Луди и млади години“, „Од педагошкиот бележник“ и „Приказни од полето“. Расказите започнуваат со неколку згоди и симпатични незгоди од младоста на раскажувачот кога се подготвувал да учителствува и забележани случки во неговиот ран, чист и искрен учителски период на лудите млади години. Во вториот дел педагошкиот бележник на искусниот педагог содржи многубројни запаметени, раскажани и нераскажани настани што се случиле и ги запишал во неговиот бележник. Приказните од полето, кои се длабоко почувствувани од авторот носат со себе ширина на бескрајното поле, од мирис на косено сено и штотуку ожнеаното жито во топлиот летен период во Пелагонија.
Расказите на Ѓорѓи Лазаревски се сведоштво за неговиот живот и неговиот став кон животот кој е позитивен, ведар и инспиративен. Тој има реалистичен стил на пишување и мислата до народните кажувања им дава на расказите искрен, пријатен и смирувачки тон полн со топлина кон раскажувањето и кон читателите. Притоа, авторот со својот стил на пишување е близок до народното раскажување и до основните доблести што ги поседуваат македонските учители и секој Македонец во образованието, а тоа е несебично себедавање на учениците и потврда на своето почитувано занимање – учител.
Публикацијата насловена „Плачот на кларинетот“ е едно од петнаесеттината дело во творештвото на Ѓорѓи Лазаревски, почнувајќи од делото „40 години настава на македонски јазик во Битола и Битолско“ на група автори, во издание на СИЗ за основно образование, Битола во 1984 година до денес.
За својата педагошка улога во образованието на Република Македонија, професорот Ѓорѓи Лазаревски го добил звањето „Истакнат педагошки работник“ од Републичкиот педагошки совет во 1986 година, наградата „Кирил и Методиј“ од СИЗ за образование, Битола (1990), „Повелба за животно дело“ од „Пелагониските културно-научни средби“, Новаци во 2013 година и наградата „4-ти Ноември“, Општина Битола (2019).
Проф. Ѓорѓи Лазаревски почина на 05 октомври 2023 година во селото Кравари, предградие на Битола, на патот кон Јушна Македонија, каде и се наоѓа неговиот вечен дом.
Бог да го прости
Пишува: СЛАВЕ КАТИН