ШЕСТНАЕСЕТТО ПОКЛОНЕНИЕ ПРЕД ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО ВЕЧНИОТ РИМ ВО 1984 (34)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ВО ЧЕСТ НА СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА – АНТИЌ И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

Одржувањето на манифестацијата „Во чест на св. Кирил” во 1984 година ја означи нејзината традиција и континуитет што започна 1969 година како чествување што го организираше Република Македонија и Македонската православна црква и доби нов квалитет прераснувајќи во општојугословенски настан.

По тој повод од 23 до 26 мај во Рим престојуваа две делегации, државна која ја предводеше Тихомир Илиевски, член на Извршниот со вет и претседател на Републичкиот комитет за информации и Михаил Банде, помошник-претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, која како и во минатото беше носител на организацијата и координатор на манифестацијата . Во договор со југословенскиот амбасадор во Рим, за член на делегацијата беше одреден Данило Малиќ, министер-советник, додека во својство на преведувач на делегацијата се приклучи Наум Китановски, лектор по македонски јазик во Неапол.

Црковната делегација, пак, ја предводеше архиепископот охридски и македонски г. Ангелариј, а во неа беа и митрополитот Горазд и прота-ставрофорот Методи Гогов. Во уметничкиот дел настапи Ансамблот за средновековна музика „Ренесанс” од Белград. За време на престојот во Рим, на 23 мај 1984 година, двете делегации, во придружба на амбасадорот Звонимир Стенек и скопско-призренскиот бискуп г. Јоаким Хербут, беа примени во приватна аудиенција кај папата Јован Павле II.

До оваа средба дојде во рамките на екуменските средби што ги организира Светата столица, во знак на посебно почитување кон светите Кирил и Методиј. Приемот кај папата Јован Павле II помина во пријателска и срдечна атмосфера, што остави посебен впечаток. Во таа прилика шефот на државната делегација г. Тихомир Илиевски изрази задоволство од тоа што папата Јован Павле II годинава за првпат наверниците им го честита Велигден и на македонски јазик.

Притоа господинот Илиевски ги најави подготовките во врска со одбележувањето на 1100-годишнината од смртта на свети Методиј во 1985 година. И црковната делегација предводена од архиепископот охридски и македонски г. Ангелариј топло и срдечно се заблагодари за приемот и на папата Јован Павле II му предаде пригоден подарок, во знак на почитта што му ја укажува на споменот и делото на свети Кирил и за поддршката што и ја дава на Македонската православна црква.

Истиот ден, вечерта, во познатата црква „Света Ањезе”, во центарот на Рим, ансамблот за средновековна музика „Ренесанс” од Белград приреди мошне успешен концерт пред голем број љубители на оваа музика. Речиси една третина од програмата на „Ренесанс” ја сочинуваа музички творби посветени на делото и славата на свети Кирил и свети Методиј и на нивните ученици, што вонредно добро се надоврза со поводот на манифестацијата.

На 24 мај државната делегација, во придружба на амбасадорот на СФРЈ при Република Италија, г. Марко Косин, беше примена кај Фиорет Марио, заменик на министерот за надворешни работи на Италија. Во пријателската средба се разговараше за соработката во областа на информирањето и во други области од културата, науката и литературата.

Истиот ден се одржа значајна свеченост на гробот на свети Кирил во базиликата „Сан Клементе”, којашто помина во знакот на пригодна и достоинствено одбележување на делото и споменот на Свети Кирил. Венци положија амбасадорот Марко Косини и Звонимир Стенк, како и шефот на делегацијата Тихомир Илиевски.

Во присуство на бројни истакнати јавни и културни работници од Рим и од Ватикан, претставници на двете амбасади, католички свештеници од хрватска и Словенија и поголема група верници од Македонија. Најнапред, членовите на Ансамблот „Ренесанс” изведоа кратка пригодна програма, а потоа се одржа молебен, што заврши со говор на архиепископот охридски и македонски г. Ангелариј.

Во рамките на програмата на овие свечености двете делегации беа примени од монсињор Акиле Силвестрони, секретар на Секретаријатот за јавни работи на црквата на Светата столица. Во подолгиот срдечен и пријателски разговор беше искажано обостраното задоволство од досегашната соработка, како и желбата тоа во иднина уште повеќе да се унапреди. Исто така, се разговараше и за подготовките за одбележувањето на 1100-годишнината од смртта на свети Методиј која треба да се одржи во 1985 година, што наиде на поддршка и спремност за содејство од страна на домаќинот.

Делегацијата на Македонската православна црква имаше средба и со истакнати претставници во Светата столица, меѓу кои со префектот на Конгрегацијата на Светата столица во Источната црква, кардиналот Владислав Рубин и со секретарот за единство на христијаните монсињор Пјер Дипре.

1org33

Скопје 

Членовите на државната делегација имаа средба и со г. Антонио Јерков, уредник на списанието “Balcanica” што излегува во Рим и се испраќа на поголем број странски амбасади во Рим, институции, редакции, претплатници итн. Исто така, беше остварена средба и со проф. Јури, голем пријател на Македонија и македонскиот народ.

Манифестацијата „Во чест на свети Кирил” доби забележителен публицитет преку средствата за јавно информирање во двете земји, што придонесе за нејзината натамошна афирмација.

На Семинарот за македонски јазик, литература и култура во Скопје и Охрид, во 1984 година, учествуваше проф. Јижи Марија Весели од Рим, кој заедно со проф. Вера Стојчевска-Антиќ, изработи предлог-програма за учеството на македонските претставници на јубилеите на свети

Кирил и Методиј во Рим, за 1985 година. Вера Стојчевска-Антиќ изработи текст за ватиканско-македонските врски, изработен по барање на Републичката комија за културни врски со странство во Скопје, на барање од проф. Весели.

Во заедничкиот предлог на професорите Весели и Стојчевска-Антиќ, беа апострофирани: подготвување и реализирање на документарен филм за светите Кирил и Методиј и нивните

ученици (меѓу РАИ и Телевизија Скопје), учество на македонска научна славистичка делегација на Интернационалниот славистички конгрес во Рим во 1985 година, подготвување изожба на македонската книга, прикажана на Конгресот, како и други активности.

Републичката комисија за културни врски имаше слух за предлозите и тие беа успешно реализирани. Со подготовката посебно беше ангажиран и активиран Цветан Станоевски. Телевизија Скопје, со своите директори Љупчо Јакимовски и генералниот директор Стојан Димовски, мошне сериозно го прифатија предлогот за филмот во разговорите со директорот од РАИ-Ѓузепе Лизи и професорите Весели и Стојчевска-Антиќ. Во него беше вклучена екипа што ја предводеше режисерот Роберто Алтамура од Рим, додека освен главниот снимател којшто беше од Рим, останатиот дел од екипат ја претставуваше Телевизија Скопје, со главниот и одговорен уредник Васил Тоциновски.

Комисијата за културни врски издаде и посебен славистички зборник на италијански јазик.

Продолжува

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН