„Мора да дојдете. Немате избор“, му реков. „Ова е Божја црква која се осветува. Вие сте претседател на оваа држава. Вие сте силен верник во Исус Христос и Господ. Не можете да не дојдете само затоа што може да има мали непријатности“.
Тој на крајот се согласи; ќе дојде на церемонијата.
Одеднаш сите се возбудија. Беше голема работа што претседателот доаѓаше во Радовиш.
Го прегрнав Борис кога се појави. Тој ми шепна на уво: „Ти ме натера на ова“.
Поповите сакаа да го вклучат во церемонијата, но тој рече: „Не, јас сум тука како посетител“.
Докажавме нешто: тој не се мешаше во церемонијата, но христијанинот број еден во земјата беше таму.
Програмата за викендот ја вклучуваше новата црква во речиси секој настан: богослужба во сабота навечер, концерт пред црквата, дневна богослужба, ручек и завршен вечерен концерт во црквата. Тоа беше навистина незаборавен настан, и ми беше голема чест што бев присутен на него.
Изградбата и осветувањето на оваа црква, очигледно првата нова православна црква по многу години во Македонија, беше прекрасен подарок за жителите на Радовиш, народот на Македонија и за слава Божја!
Имам среќа што пред црквата стои дрво со моето име.
Македонија станува екуменски домаќин
Никола Груевски беше ѕвезда во подем: Речиси секогаш кога ќе го сретнев беше во различна улога. Првпат го запознав Никола кога беше млад банкар во Скопје. Следниот пат, тој беше во националната берза. Додека беше министер за финансии не се сеќавам дека имав многу контакти со него, но бев импресиониран од него и внимателно ја следев неговата кариера.
Кога стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ (Македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство), една од двете најголеми политички партии во нацијата, бев задоволен. Набргу по неговиот избор, двајцата бевме во Вашингтон и се сретнавме во македонската амбасада. Му кажав колку сум среќен што гледам млади лидери како се вклучуваат во македонската политика и дека очекувам позитивни работи да се случат во земјата.
Во 2006 година, на едно патување во Скопје, ме замолија да се приклучам на една мала група за да дискутираме за религиозна програма која Груевски, сега премиер на земјата, беше заинтересиран да ја започне. Домаќин на средбата беше македонската министерка за култура Елизабета Канчевска. Беше присутен и г.г. Стефан, Архиепископот на МПЦ, како и други.
Веќе имав разговарано со Елизабета и Стефан кога се појави идеја за свикување верска конференција. Мислевме дека е една одлична идеја. Имаше добар концепт и опфаќаше различни теми. Работевме на неколку прашања со Никола и со владата, но тоа беше она што го сметам за една од неговите најважни иницијативи.
Идејата, како што разговаравме, беше да се одржи верска конференција на сите вери и вероисповести во Македонија. Мојата вера е важна за мене и сметав дека оваа програма ќе биде од значајна помош за сите религии во Македонија. Идејата за конференција, која ќе се одржува еднаш на три години, беше одобрена и бев поставен во организацискиот одбор.
Првата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуграѓански дијалог, со тема „Придонес на религијата и културата во мирот, меѓусебното почитување и соживот“, се одржа во 2007 година.
Конференцијата беша навистина успешна, со повеќе од 250 луѓе кои доаѓаа од 30 или 40 земји, кои ги претставуваа сите религии и вероисповести. Официјалната програма опфати различни теми, но најдобриот дел од настанот беше времето што присутните го поминаа во разговори меѓу себе за време на паузите, ручекот и вечерата.
Имаше уште две конференции, а јас останав во организацискиот одбор и присуствував и на конференциите во 2010 и 2013 година. Успеавме да направиме повеќе одделни сесии и го намаливме бројот на говорници за време на тие конференции за да добиеме повеќе време за дискусија меѓу нас.
Помалку ме интересираа формалните теми; Би сакал да можев да видам тие да бидат сведени на теми што го вклучуваат просечниот лаик. Но, можеби бев единствениот што го мислеше тоа.
Сепак, сите ја постигнаа својата главна цел: да ги соберат луѓето со широк спектар на вероисповести да разговараат. Концептот беше супер. Тоа беше голема иницијатива за Македонија како нација.
Приклучување на редот на Свети Станислав
Редот на Свети Станислав е историска организација, формирана во 1765 година, а денес е добротворна организација чие членство е со покана. Таа се дава на лица кои остваруваат значителен труд во добротворни цели во нивните заедници во областа на лидерството и услугата; има членови од целиот свет.
Бев номиниран од мојот добар пријател, Ристо Гуштеров, и бев инициран како член на 17 мај 2008 година во Киев, Украина. Бев одликуван со Крстот на командантот на многу формален „витешки“ настан во историска православна црква, иако самиот орден не е поврзан со црквата.
Тоа е формален настан, со специјални наметки што треба да се носат, а новите членови всушност се прогласуваат витези со меч – свечен и импресивен настан.
Следеше нејзиниот меѓународен добротворен бал, кој помага да се соберат пари за добри цели. 11 Македонци членови на Редот присуствуваа, меѓу кои Ристо и јас.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН