НОМИНАЦИЈА ЗА НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИР НА ЕСМА РЕЏЕПОВА – ТЕОДОСИЕВСКА (27)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЕСМА“ НА СЛАВЕ КАТИН

Незаборавен хуманитарен концерт на Кралицата на ромската музика и национален уметник на Македонија, Есма Реџепова–Теодосиевска  се одржа на 20 март 2002 година. Токму таа вечер, неколку часа пред и официјално да настапи пролетта, за Кралицата на ромската и македонска песна беше ноќ за обележување на, за неа, повеќе важни јубилеи и поводи. Се чини, најважниот за тие што ја сакаат беше 45-годишнината од нејзиното пеење, од времето кога Есма Реџепова како единасетгодишно девојче храбро застана да запее во тогаш популарната емисија „Микрофонот е Ваш“

Сите нејзини поводи беа собрани во една голема позитивна енергија на концертот во Универзалната сала, во Скопје, кога Есма пред своите сограѓани уште еднаш го разлеа гласот во песните од нејзиниот широк репертоар на македонската и ромската песна. Секоја песна предизвикуваше различни емоции, кои еднакво силно допираа до сите во публиката, иако можеби некому една песна му е поомилена од друга.

На овој значаен концерт, некому крвта му се раздвижуваше на „Накелавише“, „Чајорије, шукарије“, „Ибраим“…, некои за кулминација на концертот ги сметаат дуетите со Предраг Цуне Гојковиќ, гостин од Белград, во песните „Либе Стано“ и „Благуно, дејче пожаранче“, а, пак, за некои беше откритие гласот на Есма вграден во футуристичките музички визии на Дуке Бојаџиев, коишто беа визуализирани во брејк-денс кореографија, или можеби латинотанчарската точка на „Чајорије шукарије“…

Во секој случај, 20 март 2002 година ќе остане во сеќавање, бидејќи тоа беше концерт кога песната на Есма доминираше во ноќта. Тоа беше концерт со повремени долги паузи, за заблагодарување на нејзините обожаватели, колеги, соработници… Концертот заврши со песна за нејзиниот град Скопје, а Есма беше побогата за уште едно восхитување од своите сограѓани.

1grsa22

Салата за доделување на Нобеловата награда 

Есма ги одбележуваше 45-те години на македонската естрада, а беше присутна и на подиумите во светот. По тој повод во Универзалната сала во Скопје се одржа незаборавен концерт. Средствата од концертот Есма Реџепова–Теодосиевска ги намени во хуманитарни цели. На концертот беше објавено дека таа добила номинацијата за Нобелова награда за мир. Предлогот беше даден од Југословенскиот црвен крст, а поддржан од повеќе други институции од областа на културата и естрадата.

Во образложението на номинацијата на Есма и Стево Теодосиевски за Нобеловата награда за мир, меѓу другото, се вели: „Есма Реџепова – Теодосиевска пее на 20 јазици. Таа, заедно со нејзиниот покоен сопруг Стево Теодосиевски и Ансамблот „Теодосиевски“ има реализирано милионски тираж на музички пренесувачи на звукот со македонски и ромски песни кои се обнародени кај луѓето.

Притоа, еден голем дел од концертите се посветени за хумани цели. Есма е носител на многу светски награди: во Индија е прогласена за Кралица на ромската песна и за Примадона на европското пеење“. 

Исто така, по повод 50-годишниот јубилеј меѓу номинираните за Нобелова награда за мир за 2006 година, беше и легендата на ромската и македонската музика Есма Реџепова-Теодосиевска. Ова високо признание за Кралицата на ромската песна дојде од Светската организација на Ромите. Таа е меѓународна асоцијација, која ги обединува и координира активностите на Ромите во најголемиот дел на земјите од светот.

Организацијата во номинацијата ги наведе вкупните хумани, добротворни, културни и уметнички остварувања на Есма Реџепова–Теодосиевска  посветени на мирот, човекољубието, толеранцијата и разбирањето меѓу народите и земјите, без разлика на нивната национална етничка, верска и друга припадност.

Предлогот беше поддржан од македонските и меѓународните клубови „Лајонс“ во светот и од други невладини, хуманитарни  организации и институции од областа на културата, уметноста, естрадата, женските движења во Македонија и од балканските земји.

Во образложението на номинацијата на Есма Реџепова-Теодосиевски за Нобеловата награда за мир, меѓу другото, се вели:

„Есма Реџепова-Теодосиевска, истакнат естраден уметник и хуманист, е родена на 8 август 1943 година, во Скопје. Потекнува од ромско семејство. Во нејзиното семејство песната, музиката и фолклорот се секојдневно присутни и се дел од семејната традиција.

На единаесетгодишна возраст учествува во популарната емисија на Радио Скопје „Микрофонот е Ваш“ и ја освојува првата награда. На тој настап ја забележува Стево Теодосиевски, кој во тоа време работи како корепетитор на програмата на Радио Скопје.

По завршувањето на основното образование во Скопје, Есма започнува да работи со оркестарот „Теодосиевски”. Од 1960 до 1989 година Есма и Стево живеат во Белград, а поради големиот број настапи во голем број држави на сите континенти се нарекуваат „граѓани на светот“.            

Низ нивниот дом поминале 47 деца кои биле израснати и воспитани во традиционален дух достојно да ги наследат своите родители. Покрај создавањето на вака бројно музичко семејство, Есма Реџепова-Теодосиевска и Ансамблот „Теодосиевски“ имаат одржано повеќе од 2.000 хуманитарни концерти, а, исто така, имат спроведено повеќе хуманитарни активности и донации, од кои би се издвоила донацијата направена за градот Скопје „Домот на хуманоста и Музејот на музиката на Есма и Стево Теодосиевски“.

Есма Реџепова-Теодосиевска заедно со Ансамблот „Теодосиевски“ има издадено 108 сингл-плочи, 20 лонгплеј плочи, 32 аудиокасети, 15 компакт дискови, шест видеокасети и има снимено 12 емисии од по 30 минути за МРТВ. Има настапувано во шест филмови и тоа: „Скопје ‘63“, „Крст ракост“, „Туѓиот татко“, документарен филм од прогласувањето за Кралица на ромската песна во Индија, „Запеј Македонијо“ и филмот „ЕСМА“ во продуцкија на ЗДФ од Германија.

За долгогодишната работа на полето на музиката и песната и исполнувањето на критериумите на СОКОЈ е прогласена за истакнат естраден уметник и е единствената која во оваа категорија наградата ја добила според заслугите, а не според работниот стаж. Во 1976 година, на „Првиот фестивал на ромска музика и песна“ што се одржа во Чандигар, Индија и официјално Есма е прогласена за Кралица на ромската песна. Во 1992 година, на големата западноевропска турнеја е прогласена за „Примадона на европското пеење“ и е единствен фолк-пејач носител на оваа награда. Покрај овие, Есма е добитник и носител и на повеќе други награди“.

Продолжува

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН