ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ И РАБОТАТА НА БИЗНИСМЕНОТ ЛУ ВЛАШО (22)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЛУ  ВЛАШО – АМЕРИКАНСКИ СИН НА МАКЕДОНИЈА“.

Не бев подготвен навистина да се пензионирам, па ги разгледав можностите во Флорида. Се запознав со Дејвид Бад, адвокат и дипломиран на Универзитетот на Охајо, и Карл Палмер, директор на локална банка. Тие ми помогнаа да ги најдам соодветните можности за работа. Погледнав неколку бизниси, но најдов многу малку солидни можности за мене.

Поминав време во две компании кои беа први во изборот, една за автоматизација на домовите и друга за безбедноста на домовите, но дојдов до заклучок дека ниту една од нив не е за мене. Навистина сакав да бидам во своја компанија, па ја купив компанијата „Форт Мајерс“ (Fort Myers) која ги отстрануваше биолошките и хемиските загадувачи од домашните резерви на вода.

Тоа беше конкурентен бизнис, што значеше дека маржите беа ниски, а трудот за продажба голем. Кога се разболе Џен, требаше да останам поблиску до дома и да немам работа со таков ангажман. По смртта на Џен, донесов одлука да ја распуштам компанијата.

Овој пат немаше закрепнување.

Џен разви хепатитис. Веруваме дека тоа е од крвта користена за време на операцијата од пред неколку години. Тоа беше нов тип на хепатитис, и навистина тешко го поднесе. Со помош на некои експериментални лекови, таа можеше да води релативно нормален живот неколку години.

Меѓутоа, во 1996 година овој проблем, заедно со неколку други, доведе до потребата таа да патува на прегледи кај специјалисти во Форт Мајерс, поголем град на околу 45 минути од Нејплс. На една од тие сеанси и дадоа лек за кој се надеваа дека ќе и помогне и можеби во првиот час тој и помогна.

Но, откако се вративме дома, излегов од куќата за да завршам некоја работа. Кога се вратив, таа беше во кревет — толку болна што повикав брза помош. Ме загрижи тоа што лекарите во нашата локална болница во Нејплс (Naples Community Hospital NCH) медицински лица работеа на неа, иако нејзините лекари во тоа време беа во Форт Мајерс, на 45 минути оддалеченост.

Персоналот на Итната помош конечно ми рече: „Мораме да направиме што можеме или таа ќе умре“. Во средината на ноќта почнав да се јавувам на нашето семејство. Таа падна во кома која траеше 10 дена.

На 10-тиот ден Џен се разбуди, малку збунета, но целосно будна! Дојде дома и полека, но сигурно си ја врати силата. Дури правевме планови да одиме на настанот Фестивал на дрвјата во Филхармонскиот центар за уметности на Нејплс. Тоа требаше да биде нејзино прво излегување меѓу други луѓе.

Но, само неколку дена пред тоа, бев во мојата канцеларија во Форт Мајерс кога ми се јавија од книжарницата „Барнс и Нобл“ (Barnes & Noble) во Северен Нејплс.

„Г-не Влашо, жена ви е тука и мислам дека има малку проблеми“, рече глас што не го познавав. Таа доживеала мозочен удар и тие повикале брза помош. Во рок од 24 часа таа почина, на 23 ноември.

Имаше 58 години, а бевме во брак 38 години. Ја изгубив сопругата, а момчињата ја загубија својата мајка, неочекуван и многу тежок период за сите нас. Организиравме последен поздрав и помен и во Нејплс и во Трој, а ја погребавме во Трој.

Сакав поменот да биде токму она што таа го сакаше, и сакав да бидат потполно исти и во Нејплс и во Троја, до изборот на цвеќињата, музиката, приемот по погребот. И повторно, нашите пријатели во Трој ни се најдоа. Пит и Ненси Нимс беа непроценливи: „Невозможно е“, се загрижи Ненси – но направи невозможното да стане возможно. 

Таа дури го најде Тед (Терон) Смит, свештеникот кој нè воведе во Обединетата методистичка црква и кој ги крсти нашите синови, Винс и Стив. Тој го напушти Трој пред неколку години, но се врати да го оддржи поменот. На гробот, само со потесното семејство, како што сакаше Џен, дури и тој беше обземен од емоции: јас бев тој кој ја прочита последната молитва наместо него.

На погребот поминав многу подобро отколку во месеците што следеа. Тоа беа темни времиња. Го проколнував Бога. Но исто толку брзо се извинив. Знам, со благодарност, дека Божествениот разбира – и простува. Имаше планови за мене; Едноставно не можев да ги видам во мојата тага.

Моето доброволно патување во Република Македонија во 1997 година, мојата прва посета на Републиката, доведе до голема промена на мислењето. Времето кое го поминав подалеку од дома ми ги разјасни мислите и ме натера да сфатам дека она што ми го кажувале – дека животот и понатаму тече — е вистина.

Пријатели – и пријатели на ИMA

Како започна моето ангажирање во Република Македонија? Верувам дека тоа беше Божји план! Како и многу други работи, започна со пријателства.

1isel44

Нашето семејство имаше голем број пријатели Македонци во Кентон, Охајо – дел од нив во нашето соседство и неколкумина во областа Кентон-Масилон. Со многумина од нив се дружевме и ги посетувавме. Присуствувавме на локалните игранки и излети на МПО. Бевме поканети на повеќето од свадбите.

Меѓутоа, кога се преселив во Трој, Охајо, бев единствениот Македонец во градот. Така беше, си помислив, и кога првпат се преселив во Нејплс. Со години кога ме прашуваа: „Какво име е Влашо? Обично би одговорил: „Погоди и ќе те честам ручек“.

Никогаш не морав да го наплатам тој облог. Никој не слушнал за Македонија, ниту знаел каде е. Ниту пак му било гајле.

Сепак, зачудувачки, во Трој живеев на два часа оддалеченост од канцелариите на „Маседониан Трибјун“ (Macedonian Tribune), американскиот весник за Македонците во САД. Се печатеше во Форт Вејн, Индијана, познат како град на германски доселеници, а имаше и неколку Македонци.

И откако се населив во Нејплс, требаше со некого да се сретнам во еден локален ресторан кој го постави познатото прашање: „Какво име е Влашо?“ Кога одговорив, келнерката се сврте и рече: „Сопственикот овде е Македонец“. Леле!

Зика Мало дојде и се претстави. Таа била од Охрид и била со турско потекло. Таа била сопруга на еден од албанските сопственици. Таа имаше пријателка Сепахат, која исто така беше од Охрид и беше мажена за друг од семејството Мало. Ја гледав едната или другата кога ќе вечерав во нивниот ресторан. Сега познавав двајца Македонци во Нејплс.

Почнав да запознавам и други. Некаде во 1994 година, седев во барот во еден од клубовите на плажата Пеликан Беј покрај Мексиканскиот Залив и слушнав двајца мажи како разговараат на јазик што звучеше како македонски на другиот крај од барот. Прашав, на македонски, на кој јазик зборувате?

Еден од нив беше Србин; кога дозна за моето потекло ми кажа дека неговиот пријател е Македонец. Така ги запознав Томе Кецман и Мичо Транович. Томе е од Скопје и го изградил својот бизнис за трговија со челик во Варшава, Полска. Мичо е уметник од Србија, но живее и во Њујорк. Ги прашав што прават во Нејплс и Пеликан Беј. Томе рече дека поседува стан овде во Пеликан Беј.

“Почекај малку. Македонец има стан во Нејплс, Флорида, во Пеликан Беј?“ Прашав. Мојот впечаток — кој беше погрешен — беше дека сите Македонци се сиромашни и потекнуваат од мали села. Предложив да се собереме со нашите сопруги и подобро да се запознаеме.

На крајот дојдоа кај нас, и додека го испивме виното што го донесоа и неколку мои шишиња, станавме пријатели. Следната есен се појави уште еден Македонец во Пеликан Беј и Томе му раскажа за својот нов пријател Американец/Македонец. Бев поканет во домот на Ристо Гуштеров во Беј Колони, најпрестижната област во Пеликан Беј.

 Со него имаше двајца гости – познатиот македонски уметник Томе Серафимовски и Владо Ракочевиќ, адвокат од Скопје. Ристо и јас се запознавме во теко на зимата 1995 година и тоа пријателство многу го поттикна мојот ангажман во Македонија подоцна.

Продолжува  

Пишува: СЛАВЕ КАТИН