Отворена е традиционалната изложба „Цвеќиња на мирот“ на Живко А. Поповски – Цветин по повод денот на УНИЦЕФ

Со Цвеќињата на мирот на познатиот уметник и хуманист Живко А. Поповски – Цветин отворена е и неговата овогодишна изложба по повод 77 години постоење на УНИЦЕФ и 78 години од донесување на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното Собрание на Обединетите нации.

Изложбата е отворена од денеска, 11 декември – Денот на УНИЦЕФ, па се до петок, 15 декември во Кинотека.

 – На оваа изложба изложив Цвеќиња на мирот кои симболизираат една универзалност, да има разбирање и соживот меѓу децата, истакна авторот на изложбата, Живко А. Поповски – Цветин.

Цветин нагласи дека децата и цвеќињата имаат големо значење за него.

 – Денот на детето многу значи за мене затоа што децата се нашата иднина и токму поради тоа треба да се обезбедат нивните права и да им се овозможат услови за правилен развој, за образование, сите деца да имаат топол дом и здрава храна, рече тој.

Цветин со оваа дејност се занимава уште од многу одамна. Во 1986 година имал изложба посветена на 40 годишнината на УНИЦЕФ на која подари 40 слики за Центарот за здравјето на детето во Варшава, потоа наредната година имал изложба посветена на младите спортисти во Загреб, на којашто подарил 30 Цвеќиња на мирот за најуспешните спортисти, како и изложбата во 1991 година во Домот на градежните работници која исто беше посветена на децата со порака за мир.

 -Во 1998 година еден карван Цвеќе на мирот одеше низ градовите Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Штип, Кратово, Гостивар, Тетово и Скопје за Унијата на средношколци, исто така истата година одеше и една изложба низ 130 училишта во нашата земја како карван, каде што се читаше поезија и се сликаа цвеќиња на мирот, истакна Цветин.

Тој ги спомена и изложбите посветени на децата во 2006 година која започна на 11 декември од градинката „Корчагин“ во Скопје, и заврши наредната година на истиот датум, како и сите изложби што ги имаше во декадата на културата на мирот, од 2000 до 2010, меѓу кои е и Карван изложбата која започна од Зрењан а заврши во Врање.

 – Верувам дека овие Цвеќиња на мирот ќе продолжат, како и ова денешна мисија што ја организирам преку оваа изложба. Овие цвеќиња ќе продолжат да ја шират оваа убава порака за децата, да имама мир и леб, истакна Цветин.

На изложбата, покрај цвеќињата кои, како што рече, се универзален симбол на убавината, љубовта, почитта и радоста, имаше и векна леб како симбол на мирот.