Борел: ЕУ сака да го вклучи Западен Балкан во процесот на одлучување пред да влезе во Унијата

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел вечерва во Брисел изјави дека ЕУ сака да го вклучи Западен Балкан во својот процес на одлучување, како за надворешната така и за безбедносната политика, пред влезот на регионот во Унијата.

За време на претседавањето со состанокот на министрите за надворешни или европски работи на членките на ЕУ и шесторката од Западен Балкан, Борел на Х напиша и дека „местото на Западен Балкан е во ЕУ“.

– Вечерва претседавам со министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан, со шест министри од тој регион. Сакаме да го интегрираме регионот во нашиот процес на донесување одлуки уште пред пристапувањето, вклучувајќи ги и одлуките за надворешната и безбедносната политика. Местото на Западен Балкан е во ЕУ, нагласи Борел.

Меѓу темите на вечерашниот министерски состанок ЕУ-Западен Балкан се минатонеделните извештаи на Европската комисија за земјите од регионот – Пакетот за проширување, почитувањето на надворешните и безбедносната политика и подготовката на декемврискиот самит на ЕУ и Западен Балкан.

Претходно денеска Борел изјави дека партнерите на ЕУ од Западен Балкан мора „поблиску“ да ја координираат својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ, а шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон рече дека во тој случај претставниците од Западен Балкан би можеле да учествуваат како набљудувачи на состаноците на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата.

Шефот на европската дипломатија изјави дека некои земји од регионот „немаат голем резултат во усогласувањето со европската надворешна политика и санкциите“.

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, кој исто така е на вечерашната средба во Брисел, на Х напиша дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е „заедничка цел“ на двете страни.

– Тоа се однесува на нашата заедничка безбедност, нашата стабилност, нашиот просперитет. Обезбедувањето мир на нашиот континент е наш заеднички проект, истакна Вархеји.

Вархеји претходно вечерва напиша дека Европската комисија е подготвена да ја забрза интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија.