Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Букурешт ќе ја почне официјалната посета на Романија. На церемонија со највисоки почести ќе биде пречекана од романскиот министер за национална одбрана, Ангел Тилвар, со кого ќе има тет-а-тет средба, по што е предвидена и средба на двете делегации.
Како што информира Министерството за одбрана, Петровска со министерот Тилвар ќе разговара за глобалната и европската безбедносна состојба, придонесот на двете земји во зацврстувањето на безбедноста на Алијансата и безбедноста во регионот, како и развојот на билатералната македонско – романска одбранбена соработка.
Во Романија, во базата „Отопени“, министерката Петровска ќе ги посети македонските војници кои се составен дел од мултинационалните сили на НАТО во оваа земја, во рамки на активностите за зајакната будност на Алијансата.
Во оваа база, министерката Петровска ќе биде пречекана од командантот на Мултинационалната бригада – Југоисток, бригадниот генерал Константин Николаеску, а ќе биде брифирана и за мисијата и активностите на мултинационалните сили на Алијансата.