Ковачевски на средба со американски сенатори: Северна Македонија ја очекува европска иднина

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со американските сенатори Џин Шахин и Петер Велч, на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата било разговарано за актуелните состојби во државава, како и регионалните случувања во контекст на евроинтеграциските процеси и во поширок меѓународен контекст.  

Заеднички беше констатирано зацврстувањето на взаемното стратешко партнерство, кое, како што е истакнато, е од клучно значење за продлабочувањето на соработката меѓу двете земји.

Притоа, е потенцирано дека долгогодишното длабоко пријателство и успешното стратешко партнерство помеѓу САД и Северна Македонија придонесло за нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан.

Посебен фокус бил посветен на претстојните процеси кои ќе влијаат врз развојот на земјава.

Сенаторите Шахин и Велч изразиле задоволство од цврстото партнерство меѓу двете земји и ја нагласиле важноста на македонскиот модел како пример за успешна мултиетничка демократија во регионот. Сенаторите изразиле благодарност за недвосмислената позиција на Владата на Република Северна Македонија во однос на Украина и поддршката која досега е дадена на земјата.