Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека ДДВ-то за прехранбени производи се зголемува затоа што недостигаат пари во Буџетот поради тоа што власта троши пари за сомнителни тендери.
– Јасно е тоа што го зборувавме и тогаш и сега, излегува дека е точно оти им недостасуваат пари во Буџетот, а им недостасуваат затоа што го трошат немилосрдно Буџетот за проекти за коишто шајка не е закована. За еден таков проект потрошија повеќе од 200 милиони евра, но за жал немаме ниту шајка заковано и затоа сега им требаат уште пари за тендери во четири очи, за провизии за кои што се враќаат. Јавна тајна е дека човек фирма со ташничка шетаат низ Македонија и нудат работа за тој проект, а за сметка на тоа бараат огромни провизии. Овие информации стигаат до нас. Јас ги повикувам надлежните органи тоа да го проверат и истражат, доколку тие тоа не го направат, следната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно има намера да се занимава со овие девијантни однесувања, рече Мицкоски при денешната посета на Велес.