МНР: Се зголемува бројот на македонски државјани кои се наоѓаат во Израел, формиран кризен штаб

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека бројот на македонски државјани кои се наоѓаат во загрозените подрачја во Израел се зголемува. Формиран е кризен штаб чија задача ќе биде да ги следи и координира сите постапки поврзани со нашите државјани на кои им е потребна помош или асистенција за нивно безбедно евакуирање. 

– Според информациите на Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството за надворешни работи во Скопје, во Израел и на Западниот Брег постојано се зголемува бројот на наши државјани кои се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја. Со сите пријавени наши државјани се одржува постојан контакт од страна на Амбасадата, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација, се наведува во соопштението од МНР.

Покрај активностите на Амбасадата во Израел, утрово е испратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Северна Македонија во околните земји, за нивна посебна подготовка за евентуални активности и нивна 24-часовна достапност, како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните. Дипломатската мрежа е во контакт и со дипломатските претставништва на пријателските земји, кои исто така се во подготовка за организирана асистенција на затекнатите граѓани во и околу загрозените подрачја.

– Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје. Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx. За повеќе информации, на располагање се СОС дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378, истакнуваат од МНР.

Инаку, денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи изразил сочувство до министерот Ели Коен осудувајќи ги нападите врз Израел, кои започнаа вчера од страна на Хамас. Османи го реафирмирал ставот на Министерството, за итно ослободување на сите цивили кои се држат во заложништво од страна на Хамас, како и итно прекинување на било какви насилни дејствија врз Израел.