Пендаровски ќе присуствува на отворањето на генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска попладне по македонско време во Њујорк ќе присуствува на отворањето на генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации. Предвидено е Пендаровски да се обрати на генералната дебата во петок, 22 септември.

Доцна попладне по македонско време денеска шефот на државата ќе оствари билатерални средби со кралот на Јордан, Абдула Втори, и со претседателот на Република Кипар, Никос Христодулидес, соопшти претседателскиот Кабинет. 

-Во текот на денешниот ден претседателот Пендаровски ќе присуствува на работен ручек организиран од потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со лидерите на земјите од Западен Балкан. Вечерва претседателот Пендаровски ќе присуствува на прием организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, информира Кабинетот на Пендаровски. 

Во текот на вчерашниот ден претседателот на државата се обрати на самитот посветен на исполнувањето на Целите за одржлив развој, оствари средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, како и кратки средби со австрискиот претседател Александар Ван дер Белен, словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар, премиерот на Шведска, Улф Кристерсон, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Вчеравечер Пендаровски присуствуваше на приемот по повод 50-годишнината од членството на Сојузна Република Германија во Обединетите нации, приреден од канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, сојузниот министер за надворешни работи на Германија, Аналена Баербок, и сојузниот министер за економска соработка и развој на Германија, Свења Шулце.