Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ) остварил средба со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан.
На средбата, на која присуствувал и евроамбасадорот Дејвид Гир, како што соопшти владината прес-служба, во фокус на разговорите биле евро-интегративните процеси на Северна Македонија и важноста од претстојниот процес на усвојување на уставните измени.
– Беше подвлечено дека Северна Македонија треба да ја препознае важноста на историскиот момент пред којшто се наоѓа и неопходноста да се направи исчекор во евроинтеграцискиот процес кој за граѓаните ќе обезбеди сигурна европска иднина. Поддршката на Европската Унија за Северна Македонија е резултат на силната посветеност што Владата континуирано ја покажува во спроведување на реформските процеси, а процесот на преговори со ЕУ позитивно ќе влијае и на севкупниот бизнис амбиент, се вели во соопштението.
На средбата било нотирано дека процесот на интеграција значи и темелни промени, усогласување на институционалните, економските и правните рамки со законите, регулативите, стандардите и политиките на ЕУ. Тоа, информираат од Владата, ќе овозможи раст на БДП, намалување на невработеноста, пристап до пазарот на ЕУ, кој опфаќа над половина милијарда граѓани во економија со бруто домашен производ (БДП) од околу 13 трилиони евра, раст на странските директни инвестиции, раст на минималната и просечната плата, како и зајакнување на политичката стабилност, безбедност и општото меѓународно позиционирање.