Почнува кампањата „Ние сме Европа“

„Отворената трибина: ЕУ за македонската економија” ќе биде одржана вечер на плоштадот Јадран во организација на Секретаријатот за европски прашања.

Со трибината официјално започнува кампањата „Ние сме Европа“ во рамки на напорите на Владата за исполнување на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија, информираат од СЕП.

Кампањата предводена од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, ќе се реализира во осум градови низ државата: Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и Штип. Ќе бидат организирани серија настани и информативен караван под мотото „Саем на европски вредности“, на кои ќе се презентираат можностите и придобивките кои ги нуди членството во ЕУ. Секој настан од кампањата ќе има конкретна тематска област, односно економија, култура, енергетика, туризам, земјоделство, млади, инфраструктура и социјална политика. Активностите во секој од градовите вклучуваат посета на локалитет од значење за конкретниот град, средби со граѓански организации и други заинтересирани групи граѓани.