Ковачевски: Илинденското востание е врвен аманет, завет и историски паметник

Илинденското востание не е ниту почеток, ниту крај. Илинденското востание е врвен аманет, завет и историски паметник кој сите пред нас, ние денес но и сите по нас, мора да го имаат пред себе секојдневно!
За да паметиме, за да знаеме кои сме, од кога сме! И најважно, за да знаеме каде и како треба да одиме во иднината, порача вечерва од Крушево премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на традиционалната манифестација „Десет дена Крушевска Република“, која од денеска до 10 август се одржува секоја година во Крушево по повод големиот национален празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.

-Вечерва, сите ние тука на Гумење, пред импозантниот Македониум, одбележуваме 120 години од еден од најважните датуми, еден од централните моменти во нашта вековна историја. 120 години од почетокот на Илинденското Востание кое во нас остави неизбришлив печат, 120 години од моментот кога во илинденско Крушево е распламтена вербата дека борбата за македонската државност – вреди. Распламтена е слободарската, демократска и прогресивна идеја за автономна македонска држава, дом, огниште за сите, рече Ковачевски.

Тој истакна дека вечерва се сеќаваме, ги спомнуваме и оддаваме длабока почит на нашите основачи, на нашите херои, на нашите револуционери, на нивната борба, нивната жртва, на радоста од формирањето на Крушевската Република.
 
-Вечерва кога го паметиме Илинден, мислиме на генерации револуционери, кои ги дале своите животи за денешната слобода! Не смееме никогаш да ја заборавиме, да ја намалиме, да ја замениме нивната вистинска и херојска борба, жртва и победи, нивните идеали и принципите за слободна држава! Бидејќи тие се нашата држава, и тогаш и сега! Тие се наша историја, но и наша сегашност! Тие ќе бидат и нашата иднина! Ја паметиме и славиме визијата и идеологијата на Гоце Делчев, борбата за правда на Јане Сандански, херојството на Даме Груев, држатворноста на Никола Карев, херојството и саможртвата на Питу Гули! Нивните идеали биле патоказ за Мирче Ацев, Стив Наумов, за Брашнаров, Главинов, Влахов, Рацин, Шабани, Карпош, Паликуќа и за други знајни и незнајни херои, на кои денес се поклонувме, истакна премиерот.

 
Ковачевски нагласи дека нивната борба била длабоко и нераскинливо поврзана со историските корени, традиција, култура и писмо на македонскиот народ, поставени и развивани од Светите Кирил и Методиј, од Светите Климент и Наум, преку вонвременските дела на Мисирков, браќата Миладиновци и како што рече, нашиот џин, Конески.
 
-Илинден е огништето на татковинатата. Идеал за слободна и независна држава. Држава втемелена на македонската историја, традиција и култура! Држава втемелена на вредности! Вредностите на слободата! На правдата! На еднаквоста!
На рамноправноста! На почитувањето на другите! На солидарноста! Нашите револуционери ги дале своите животи за темелите на денешната држава! И илинденците, и асномците! Нивната борба била со крв и оружје, со жртва и цврстина, за денес да имаме слободна, независна и самостојна држава! Се бореле со се што имале, а најмногу со своите животи за меѓународно внимание, помош, поддршка, за вистинско признание од другите народи, нации и држави! И во тоа успеале!
Но, нивните идеали и принципи се идентични и денес! Тие се живи како и тогаш, пред децении и векови, порача Ковачевски.

И токму по Илинден 903-та, Асном 44-та, но и Скопје 1991-ва, клучното прашање, додаде Ковачевски, е каква држава сакаме и правиме денес, каква држава сакаме да оставиме утре?
 
-Сакам јасно и силно да истакнам дека и ние имаме обврска, имаме незавршена работа, континуирано да ја градиме државата како слободна држава на слободни граѓани! Да ја градиме како отворена држава, во која дом може да најде секој!
Како држава на социјална правда! Држава на еднакви, рамноправни граѓани! На правда, ред и поредок! Држава на солидарност! На вредности, знаење и разум! Држава на разбирање, почитување, на взаемна поддршка!
На прогрес и напредок! Држава со своја историја, сегашност и иднина! Тоа е нашата обврска, тоа е нашиот наследен завет и аманет, тоа мора да биде нашето наследство за идните генерации!, рече Ковачевски.
 
Ние знаеме дека од Илинден – до денес, додаде Ковачевски, ништо не било лесно, затоа што, како што рече, нема лесен пат до вредна цел.
 
-Но, насоката на илинденците и асномците е јасна, патоказот е пред нас. Илинденците и асномците не се прашувале дали вреди да се продолжи. Не калкулирале со следниот потребен чекор. Не бегале од одлуки и не се криеле. Знаеле и дека во обединувањето е силата – и така и постапувале. Одлуките на илинденците и асномците обврзуваат дека битките се водат, не се напуштаат! Така е добиена битката за слобода. За своја македонска држава. За свој македонски јазик. За признавање на македонскиот идентитет, рече тој.
 
Додаде дека интеграцијата, отвореноста, прогресот, заедништвото и соживотот денес се базирани на Илинденското Востание, на Крушевскиот Манифест, на Асномските одлуки.

-Да се биде независен и самостоен, рамо до рамо со европските народи е токму резултат на револуционерната борба!
Времето е различно, но принципите и вредностите се исти! И затоа мораме да продолжиме да ја градиме државата на европскиот пат! Ние друга алтернатива немаме и не смееме да имаме. Заради нас самите! Никој не смее да ја украде и измени нашата историја! Бидејќи тоа е невозможно! Никој претходно, а камоли сега, не може да украде, измени или избрише векови и векови создавана и развивана традиција, култура и засебност! На сите негирања однадвор и одвантре, мораме да се спротивставиме со врвно национално чувство, со висока национална самодоверба и гордост, и најважно од сѐ со здраво и разумно обединување околу заедничкото, за универзалните принципи и вредности! Во исто време, нашата борба мора да продолжи!, нагласи Ковачевски.

Свесен сум, свесни сме, додаде Ковачевски, дека како и во минатото, така и сега, отпор, и внатрешен и надворешен има и ќе има.
 
-Но, тој ќе биде поразен ако имаме фокус, енергија и самодоверба! Како што ја имале илинденците и асномците! А за разлика од минатото, денешната независна и самостојна држава има многу пријатели и сојузници! Има голем број на подржувачи! Таа е дел од европското и светското семејство на нации и држави, на рамноправен начин. Затоа што ние од изолирана држава, по цела деценија, со мудри и храбри одлуки, успеавме да ја обновиме и засилиме меѓународната поддршка, како никогаш досега, рече Ковачевски.
 
На темелите на Крушевската Република, продолжи премиерот, на темелите на асномската Република Македонија, на современата и независна Република Македонија, на денешната европска Северна Република Македонија, Ве повикувам заедно да го направиме следниот чекор, да успееме и повторно да победиме.