САД се највалијателен надворешен фактор во Македонија, Европската унија е на второ место, трета е Русија.
Ова се резултати од анализата „Европската унија на раб на повраток во Република Македонија“ изработена од Институтот за демократија, Социетас цивилис – Скопје и Конрад Анденауер Стифтунг што денеска беше презентирана од авторите Зоран Нечев и Ненад Марковиќ.
Поголемата вклученост на ЕУ во домашните политички случувања и реформи во перидот на кризата го зголемил кредибилитетот и видливоста на Унијата меѓу македонските граѓани, а сето тоа резултирало со пад на перцепцијата на руското влијание, велат авторите.
Анализата, која е изработена врз основа на телефонска анкета на ИДСЦС, спроведена во декември 2017 година на примерок од 1.100 испитаници, покажува дека 41 отсто сметаат оти САД се највлијателен надворешен фактор.
Нечев истакна дека додека во 2016 година 21,8 отсто од испитаниците гледаат на ЕУ како на највалијателен надворешен фактор, една година подоцна 38,1 отсто го имаат тоа мислење.
Додаде дека 6,2 отсто од испитаниците ја перцепираат Русија како највалијателен надворешен фактор во 2016, а лани само 3,7 отсто ја имаат истата перцепција.
Кога се испитува етничка припадност, етничките Македонци ги перцепираат САД како највлијателен надворешен фактор (43,5 отсто), по нив се ЕУ со 34 отсто и Русија со 3,6 проценти.
Тенденцијата меѓу етничките Албанци да ја перцепираат ЕУ како највлијателна сила останува иста како и во 2016 година (53,4 отсто), по што следат САД (34,4 отсто) и Русија (4,5 проценти).
Во врска со прашањето, кој е најдобар сојузник на Македонија, Нечев вели дека 41,8 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е ЕУ, а по неа следат САД (16,6 проценти) и Русија (13,8 отсто).
Мнозинството испитаници како најголем донатор во Македонија ја навеле ЕУ, со 42,8 отсто, а по неа се САД со 16,6 проценти и Турција со 8,2 отсто. За Германија се определиле пет отсто од анкетираните, а за Русија и Кина околу два процента.
Сепак мнозинството од испитаниците, односно 69 проценти не знаеле да кажат колку пари дава ЕУ во Македонија, а осум проценти одговориле дека Унијата во земјата на годишно ниво дава над 200 милиони евра.
Марковиќ нагласи дека една од најочигледните промени, споредено со истражувањето од 2016 година е перцепираната улога на ЕУ во домашната политичка ситуација.
Испитаниците на сите прашања поврзани со улогата на ЕУ низ седум различни категории имаат повеќе позитивни отколку негативни одговори, при што најпозитивните се однесуваат на улогата на Унијата во извршувањето на судските одлуки.
Имајќи предвид дека судството е постојано една од институциите, во кои граѓаните имаат најмала доверба, 58,2 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ значително или донекаде ќе придонесе кон ефективно и навремено извршување на судските одлуки, а 57,9 отсто од анкетираните сметаат дека Унијата значително или донекаде ќе придонесе кон можноста за спроведување фер истраги од страна на Јавното обвинителство.