МНР на ЕУ не го поддржаа барањето на Турција да ја одмрзне својата кандидатура за членство во Унијата

Министрите за надворешни работи на Европската унија постигнаа договор за повторно ангажирање околу Турција но поставија и одредени услови и не го поддржаа барањето на Анкара да ја одмрзне својата кандидатура за членство во Унијата.

– Разговаравме како да ја обновиме соработката со Турција. Убедени сме дека постои реципрочен интерес за развој на посилни односи меѓу Турција и Европската унија, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Тој додаде дека „ЕУ сака и Анкара да покаже иницијатива, особено во однос на Кипар, земја членка на ЕУ, чиј северен дел е окупиран од Турција“.

– Решавањето на прашањето за Кипар во согласност со релевантните резолуции на Обединетите нации ќе биде клучно во овој повторен ангажман со Турција, рече Борел и додаде дека „од суштинско значење“ ќе биде зачувувањето на основните слободи и вредности дефинирани со Европската конвенција за човекови права, чиј потписник е и Анкара.

Неименуван висок турски функционер претходно овој месец изјави дека Турција очекува конкретен напредок од ЕУ за прашања како што е безвизниот режим, затворање на некои поглавја во процесот на пристапување во ЕУ, како и дека Западот треба да ја поддржи Турција во нејзините финансиски потреби.

Турција е официјален кандидат за членство во ЕУ веќе 24 години, но пристапните преговори се во застој од 2016 година поради, како што велат земјите-членки, загриженоста за кршењето на човековите права и почитувањето на владеењето на правото во Турција.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 10 јули повика на повторно отворање на пристапните преговори со Анкара, поврзувајќи ја идејата со согласноста Шведска да се приклучи на НАТО.