Мицкоски – Метелко Згомбиќ: И за земјава треба да важат Копенхашките критериуми за влез во ЕУ

Македонските евроинтеграции, актуелната политичка и економска состојба во земјата, како и билатералната соработка на нашата држава со Хрватска, беа темите на разговор на денешната средба меѓу претседателот и  потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Тимчо Муцунски со хрватската државна секретарка за европски работи Андреја Метелко-Згомбиќ.

Мицкоски истакна дека за патот на нашата држава во Европската Унија треба да важат истите услови како и за сите членки досега, односно да важат Копенхашките критериуми, а не само за земјава да важат двојни стандарди.

– Во врска со уставните измени, Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на македонскиот Устав под бугарски диктат и уцени, како и тоа дека членството во ЕУ не треба да ги загрози македонските државни и национални интереси, известуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Соговорниците изразиле задоволство од соработката помеѓу двете држави и поддршката која Хрватска и ја дава на нашата држава.

– На средбата беше посочено дека постои простор за уште поголема и подлабока соработка во иднина откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи новата влада, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.