Герапетритис со поддршка на ЕУ перспективата на Северна Македонија и земјите од регионот

Поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и на Северна Македонија, ја изрази министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретно за нашата земја, Герапетритис рече дека Грција има „цврста волја за интеграција на Северна Македонија во ЕУ, во рамките на верното и доследно спроведување на Договорот од Преспа“. 

Шефот на грчката дипломатија истакна дека Грција веќе игра важна улога на Западен Балкан и потсети дека минатиот месец беше одбележана 20-годишнината „од историската Декларација од Солун, во која јасно се вели дека иднината на Балканот е во рамките на Европската Унија“. 

-Нашата земја останува цврсто посветена на развојот, безбедноста, просперитетот и европскиот пат на Западен Балкан, бидејќи интеграцијата и европската перспектива се неопходни за безбедноста и апсолутниот интерес на самата Унија, истакна Герапетритис за „Катимерини“. 

Објасни дека го поддржуваат европскиот пат на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, изрази поддршка и за продолжувањето на дијалогот Белград-Приштина, додека пак за Албанија,  посочи дека европската перспектива е „директно поврзана со потребата од почитување на основните правила на владеењето на правото“.

Додаде дек случајот со апсењето и притворањето на градоначалникот на Химара Фреди Белери „не е само трн во нашите билатерални односи туку и тест за владеењето на правото во соседната земја“.