ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи законите за данокот за солидарност, за ДДВ и за добивка, што ќе се носат со европско знаменце

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги поддржи законите за данокот на солидарност, за ДДВ и за добивка, кои како што е најавено, ќе се носат со европско знаменце. Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција истакна дека тие ќе ги искористат сите деловнички можности за да ги разубедат колегите пратеници преку јавна и стручна расправа со сите заинтересирани страни дека со овие закони штетата по македонската економија и животниот стандард на македонските граѓани е огромна. 

Со трите европски закони, како што вели тој, се најавува даночна реформа која што е во спротивност со интересите на граѓаните и стопанството. Според Стојановски ДДВ за храната не треба да има, ДДВ-то на струјата да биде пет проценти се додека инфлацијата не се врати во нормала. Вели дека треба да се очекува зголемување на ДДВ-то за 10 отсто за одредени прехрамбени производи. Со законот за ДДВ, посочува тој, ќе се зголеми и цената на пелетите кои ќе се даночат со стапка од 18 отсто наместо сегашните пет. 

-Со данокот на добивка се уништува спортот со укинувањето на спортските ваучери. Дополнително, покрај постојните казнени одредби од законот за данок на добивка, УЈП ќе има можност и за дополнителни пенали за фирмите кои ќе бидат петкратно поголеми од износот на инвестициите за кои инспекторот ќе смета дека се непотребни, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Со третиот закон што се однесува на данокот на солидарност, власта бара компаниите да се солидарни, а во исто време немилосрдно троши, нема фискална консолидација и се бори со сивата економија само на хартија.

-Ликвидноста на компаниите е сериозно нарушена и наметнувањето на ваков данок дополнително ќе ги отежни и онака тешките и независни услови во кои делуваат. Законот не ги зема предвид ефектите од инвестициите, истражувањето и развојот на комапниите во минатото кои вродиле со зголемени добивки, а пораката што власта ја праќа до стопанството гласи „успешните ќе бидат казнети“. Дополнително, стопанските комори и советот на странски инвеститори се изјаснија против ваквото ад хок решение кое создава несигурност кај инвеститорите, рече пратеникот Стојановски.

Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог на закон за данокот на солидарност. Целта на овој Предлог на закон, според образложението на Министерството за финансии, е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи, во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза, при што е земена предвид европска регулатива. Предлог законот за данокот на солидарност предложен од Министерството за финансии, предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка, при што обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.

Владата го утврди и текстот на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка. Целта на предложените измени и дополнувања, според објаснувањето од ресорното министерство, е усогласување со препораките од Европската Комисија и од меѓународните финансиски институции. При тоа, се пропишуваат законски решенија коишто придонесуваат за намалување на административниот товар на даночните обврзници и на Управата за јавни приходи, проширување на даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот систем на данокот на добивка, соопшти синоќа владината прес-служба.

Овие три законски текстови еднаш веќе беа во Собранието, но Владата ги повлече бидејќи за нив не се отвараше комисиска дебата.