Мицотакис на НАТО Самитот ќе се сретне со Ковачевски, Ердоган, Макрон, Шолц, Рама и Милатовиќ 

Со премиерите на Северна Македонија и Албанија, со претседателите на Турција, Франција и Црна Гора, како и со германскиот канцелар, ќе одржи средби грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на маргините на НАТО Самитот што денеска и утре се одржува во Вилнус, јави дописничката на МИА од Атина. 

Средбите со Рама и Милатовиќ се закажани за денеска, додека пак со Ковачевски, Ердоган, Макрон и Шолц, Мицотакис ќе се сретне во текот на утрешниот ден.

Средбата Ковачевски – Мицотакис, вчера беше соопштена како од македонската, така и од грчката Влада, но без дополнителни детали околу агендата на разговори.

Ова ќе биде прва средба на премиерите на Северна Македонија и Грција по изборите кај јужниот сосед на 25 јуни откако Мицотакис и официјално доби втор мандат и ќе се одржи на само четири дена откако неговата Влада доби доверба од Парламентот.  

Сепак во фокусот на медиумите во Грција е средбата Мицотакис – Ердоган, со оглед на тоа што грчкиот премиер и турскиот претседател ќе се сретнат по пауза од над една година и воедно ќе биде прва нивна средба по изборите во двете земји.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот брифинг со новинарите порача дека доколку двете земји влезат во фаза на дијалог „може да имаме подобри денови“, истакна дека Грција верува во дијалогот и смета дека е многу важно да разговара со Турција, но праралелно дека нема да отстапи и од нејзините позиции.

Одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина дали Грција очекува „мирно лето“ во грчко – турските односи, Маринакис истакна дека земјата „секогаш верува во мирно решавање на разликите“.

– Грција не предизвикува тензии, но и не отстапува, ни најмалку во однос на националните интереси. Се надеваме и другата страна да покаже соодветно расположение, посочи Маринакис.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *