Миграциите како појава се присутни од почетокот на човековата цивилизација. Тие се интензивираат со глобализацијата. Последниве години Европа се среќава со масовна бегалска и мигрантска криза. Само низ Република Македонија, која е дел од таканаречената балканска рута, поминаа неколку стотици илјади мигранти и бегалци. Одредени анализи и информации покажуваат дека бегалската криза не е завршена, и дека е време сите заедно, но и секоја држава посебно, да преземе конкретни активности, порача претседателот на македонското Собрание Талат Џафери во обраќањето на на 138.Собрание на Интерпарламентарната унија во Женева.
– Сите ние најчесто знаеме да се пофалиме со бројки, односно за тоа колку мигранти сме примиле или колку поминале низ нашата територија. Меѓутоа, не смееме да заборавиме дека мигрантите се најмалку од се бројки, и тие се луѓе како нас. Разликата е во тоа што секој од нив, без разлика дали е економски мигрант или бегалец, носи многу тажна сторија. Многу често, пред сè жените и децата мигранти, се изложени на најгруби облици на насилство или се жртви на трговијата со луѓе, а организираниот транснационален криминал заработува милијарди долари врз нивните трагични судбини, рече Џафери.
Додаде дека според податоците денеска околу 258 милиони луѓе, односно 3,4 проценти од светската популација живеат надвор од државите во кои се родени.
Вели дека меѓународните документи, меѓу кои и Универзалната Декларација за човековите права за која годинава одбележуваме 70 години од нејзиното донесување во Обединетите Нации, не обврзуваат сите да ја зајакнеме положбата на мигрантите и бегалците.
– Не треба да потсетувам дека нашата организација, како една од најстарите меѓународни организации, има донесено повеќе документи кои директно или индиректно се однесуваат на мигрантите и бегалците. Секако би било идеално кога би можеле веднаш да ги запреме сите воени конфликти и кога би можеле во сите држави да обезбедиме одржлив економски развој. Но тоа, барем во овој момент е поблиску до утопија отколку до реалност. Затоа, денеска сме тука како една од најстарите меѓународни организации да разговараме и да понудиме соодветни политички решенија кои ќе се темелат на вистински и реални аргументи. Мислам дека како национални парламенти, користејќи ги алатките на парламентаризмот, можеме многу да промениме, истакна претседателот на Македонското Собрание.
Притоа посочи дека преку организирање на јавни расправи и преку нашата соработка со невладините организации, може многу да направиме во надминувањето на серија предрасуди и стереотипи кои се однесуваат на мигрантите.
– Превладува мислењето дека мигрантите ни земаат нешто наше. Се заборава дека, со целосната инклузија на мигрантите, бенефит ќе имаат самите мигранти меѓутоа и државата домаќин. Понатаму, преку надзорната улога на парламентите, можеме да контролираме како извршната власт, поточно како соодветните министерства ги исполнуваат своите обврски кон мигрантите, рече Џафери.
Дел од овие ставови, посочи, се темелат врз искуствата што Република Македонија ги стекна за време на интензивните миграциски бранови. Ни земјава, потенцира тој, поминаа неколку стотици илјади мигранти, како што рече, и со ограничени ресурси успеа да го обезбеди сето она што го превидува меѓународното хумано право и на тие луѓе да им обезбеди барем основни услови за престој и транзит низ нашата држава.
Претседателот на Собранието на Република Македонија Џафери од 24 до 28 март ќе учествува на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија што ќе се одржи во Женева.