Пендаровски – Рубин: Јакнење на отпорноста кон дезинформациите чија цел е поттикнување антизападно расположение

Северна Македонија активно работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент Џејмс Рубин.

На средбата двајцата соговорници разговараа за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво, информираат од Кабинетот на Претседателот.

– Пендаровски оцени дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Во таа насока ја нагласи потребата од постојано вложување во ресурси и вештини за нивно препознавање и разобличување, како и создавање на национални стратегии за опсежен одговор на дезинформациите, соопштуваат од неговиот кабинет.