Гувернерката Ангеловска-Бежоска во Вашингтон на Пролетните средби на СБ и ММФ

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими ја предводат македонската делегација која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон.

Во состав на делегацијата на Народната банка е и вицегувернерот Фадил Бајрами. 

Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами ќе одржат одделни состаноци со заменик-директорот на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер и со извршниот директор на ММФ, Пол Хиберс.

На овие состаноци ќе стане збор за економските состојби во земјава и за одлуките на монетарната политика којашто придонесува за постепено стабилизирање на инфлацијата. 

Делегацијата на Народната банка ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната соработка. 

Во рамки на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата, Коен Давидсе. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата, каде што ќе се разговара за предизвиците со кои се соочуваат членките во контекст на тековните глобални финансиски и геополитички движења. 

Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки. Годинава ќе  се разговара за економската криза предизвикана од пандемијата, ценовната криза, последиците од војната во Украина и за политиките како одговор на овие предизвици за да се постигне раст, еднаквост и напредок.