ВЕСНИКОТ „АВСТРАЛИСКИ МАКЕДОНСКИ НЕДЕЛНИК“ НАЈЗНАЧАЈНО НЕДЕЛНО ГЛАСИЛО ВО АВСТРАЛИЈА (11)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН 

Преку информативните гласила во новите средини Македонците ги збогатуваат своите национални вредности со помош на културните институции во новите средини и на тој начин го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини во иселеништвото.

          45. “Австралиско-македонски неделник” (1988 – ). Овој мошне значаен, ако не и најзначаен, македонски неделник на иселеништвото започна да се печати на англиски и на македонски јазик и претставува вистински афирматор на македонската култура, литература, јазик, историја, спортот и другите традиции.

Првиот број на “Австралиско-македонски неделник” излезе на 6 мај 1988 година. Тој е отпечатен на 20 страници, формат 29 х 42 см., со паралелни текстови на англиски и на македонски јазик.

Весникот “Австралиско-македонски неделник” во периодот на сите овие  години на своето излегување, а веројатно и во иднина ќе ја продолжи истата улога, има значаен придонес во афирмирањето на македонскиот јазик, култура, традиции, бидејќи неговата содржина го привлекува читателот.

           46. “Македонско дело”  (1989 – ).  Весникот започна да се печати во октомври 1989 година како орган на МПЦО “Св. Илија” од Фуцкрај, предградие на Мелбурн. Првиот број е отпечатен на 20 страници на формат 30 х 40 см., со цена на еден долар. Весникот се печати на македонски јазик со кирилица и некои текстови се на латиница, а има бројни текстови на англиски јазик, како и преземени текстови од весници и списанија што излегуваат во Републикава. На едно од епархиските собранија е решено да се отпочне со издавање весник.

Затоа Црковната општина “Св. Илија” одлучи да го издава весникот “Македонско дело” кој треба од општинско да прерасне во епархиско гласило.  Вториот број на весникот “Македонско дело” се појави во декември 1989 година на ист формат, како претходниот на 24 страници. Бројот три, пак, е отпечатен во јануари 1990 година. Тој е идентичен на претходните броеви. Во април 1990 година се појави четвртиот број, кој е на ист формат и слог, но на 16 страници.

Тој е посветен на велигденските празници, затоа и се поместени пригодни текстори илустрирани со фотографии. Бројот 5 од август 1990 година од весникот “Македонско дело” е отпечатен на 16 страници и е сличен на претходните броеви. Од овој број е направена кратка пауза во печатењето на весникот “Македонско дело”, кој се очекува да се печати и во иднина.

           47. “Летопис за селото Драгош” (1989).  Билтенот е печатен на мал формат 14 х 20 см., на 16 страници не вклучувајќи ги кориците. На насловната страница е фотографијата од селото, а на задната иконата “Св. Илија”, селската слава. Издавач на брошурката е Селското друштво “Драгош” во Викторија, а материјалот за печат го подготвил протојереј Чедомир Илиевски, тогашен парохиски свештеник на МПЦ “Св. Илија” од Џилонг.

          48. “Јубилејно издание на МПЦО “Света Богородица”(1990). Публикацијата е отпечатена во март 1990 година, а по повод 20-годишнината од официјалното отворање на МПЦ “Света Богородица” и на Културниот центар. Ова јубилејно издание  е отпечатено на македонски јазик со кирилица и на англиски јазик, на 44 страници и формат 21 х 29,5 см.  Првата страница е на англиски јазик, со фотографија од зградата на црквата “Св. Богородица” во Њукасл.

          49. “Панорама” (1990). Списанието “Панорама” е орган на Македонското културно друштво “Искра” од Аделајд и третира прашања од областа на историјата, културата, образованието, политичкото и социјалното живеење на македонските доселеници во Австралија. Списанието се печати на англиски јазик и претставува место за натпревар со постигнувањата на група интелектуалци во тие далечни простори.

Во предговорот на првиот број, кој е единствен и е отпечатен во 1990 година, на 77 страници на формат 13 х 20 см., покрај другото, се вели: “Тоа е дел  и одраз на значајните активности што ги постигнува Македонското културно друштво “Искра” и е еден вид продолжение на списанието “Искра” што излегуваше од 1982 до 1984  година. Ова значајно висококвалитетно списание.

Всушност, тоа е одраз на големите постигнувања во културно-образовните процеси кај Македонците во Австралија. Тоа е лика и прилика на интелигенцијата од македонско потекло која е значаен дел на севкупното живеење и мост за зближување на Македонија со Австралија.

          50. “Македонски весник” (1990). Гласилото “Македонски весник” е јубилејно издание на Македонската православна црковна општина “Св. Ѓорѓи” од Мелбурн, издадено по повод 30-годишнината од осветувањето на таа прва македонска православна црква во Австралија, а и воопшто меѓу иселеништвото. Весникот е отпечатен на 6 страници спреден формат (19 х 42 см.) на македонски јазик со кирилско писмо, а го уредил Редакциски одбор на црковната општина.

На првата и втората страница е поместен пригоден текст по повод јубилејот на црквата “Св. Ѓорѓи”, која е осветена на 7 август 1960 година и која ги отвори вратите на сите дотогашни организирани сили да ја прошируваат својата програма и во неа да создаваат платформа на верско-национален живот. Посебен простор е посветен на текстот за Манастирот “Св. Климент Охридски”, кој работи во составот на МПЦО “Св.Ѓорѓи” од Мелбурн.

Прололжува

1SlaveK2Пишува: СЛАВЕ КАТИН