На средбата, во состав на македонската делегација беа Артан Груби, Прв Заменик на Претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, како и амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Хрватска, Милаим Фетаи.
На билатералната средба, како што информираат од владината прес-служба, заеднички било констатирано дека Република Хрватска, е еден од нашите најсилни поддржувачи на патот кон евроинтеграциите, поддршка која никогаш не губи на интензитет, туку напротив, постојано се засилува. Двете страни ја истакнаа констатацијата за успешното градење на билатерални односи, како и тоа дека Северна Македонија и Хрватска немаат отворени, нерешени прашања.
Во насока на негување на долгогодишната соработка меѓу двете земји, досега се склучени дури 44 меѓународни билатерални договори и документи, а во фаза на иницијатива се уште петнаесетина.
Од владината прес-служба, информираат дека била изразена определбата на двете земји во следниот период да се работи на зајакнување на економската соработка. Вкупната трговска размена меѓу двете земји за 2022 година изнесува 217 милиони евра и има потенцијал за зголемување на истата. Осврнувајќи се на хрватските инвестиции во земјава, премиерот Ковачевски констатираше дека најмногу се застапени во услужниот и прехрамбениот сектор,а додаде дека има простор за зајакнување на взаемната соработка во фармацевтската индустрија, транспортната инфраструктура, градежните компании и туризмот. Беше констатирано значењето и понатамошното јакнење на економската соработка преку активностите на хрватско-македонскиот бизнис клуб во Загреб, чија основна цел е зголемување на трговската размена меѓу нашите земји.
Потенцирано е дека двете земји, како НАТО сојузници, цврсто се посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот во меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на состојбите во регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност на регионот.