Мицкоски: Предвремени избори без техничка Влада, имаме план како земјава да дојде до преговорите со ЕУ

Уставни измени под овие услови не прифаќаме. Нудиме план како земјава да дојде до преговорите со ЕУ. Планот е базиран на три столба: национален, политички и економски, а првата точка од него се предвремени избори. Да организираме предвремени избори и без техничка Влада, последна дата нека биде 11 јуни. Нека остане Оливер Спасовски министер за внатрешни, нека останат и замениците министри од оваа Влада, рече вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во гостувањето на Канал 5 телевизија, Мицкоски откри дека се соочува со притисоци и непријатни состаноци, но нема да попушти, како што потенцира, ниту милиметар. Тој напомена дека е многу важно претставниците на меѓународната заедница да гарантираат дека Бугарија никогаш повеќе нема да не блокира поради идентитетски и историски прашања. Во спротивно, истакна, со промената на Уставот, ќе станеме вечни преговарачи иако сме многу понапред од некои земји – членки на ЕУ во одредени области.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ информира дека нема никаква комуникација со премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, во овој момент за ВМРО-ДПМНЕ влада со ДУИ не е посакувано сценарио. ВМРО-ДПМНЕ најмалку го посакува тоа сценарио, да има влада со ДУИ и со сегашното нејзино раководство.

На следните парламентарни избори, рече Мицкоски, ќе биде носител на листа и повтори дека поддржува една изборна единица.

-Мојот став за уставните измени е кристално јасен и непроменлив. Немам намера да прифатам уставни измени под овие услови. Не знам дали ќе има уставни измени во следниот парламентарен состав, но едно знам – дека нема да се поместам ни милиметар ако нашинот план не се исполни. Тоа треба секој да го знае. Ме прашувате дали има притисок и дали има непријатни состаноци, ќе ви кажам да, има притисок и има непријатни состаноци. Но, ако ме прашате дали сум подготвен да паднам на тој притисок ќе ви кажам дека ни милиметар нема да се поместам, зашто моите аргументи кои јас ги пренесувам на тие состаноци не се втемелени на инает, туку на логичен след на настаните. Ако Бугарија ни ставаше вето без да има алатка во рака (документ), можете да замислите сега, откако има документ, што ќе се случува, потенцира Мицкоски во „Само интервју“.

Тој во разговорот објави нови документи за скандалот со надзорот на Коридорот 8. Четворица експерти, рече, добиле 900 000 евра за еден месец.

-Нашите критики се за криминалот што го прават официјалните лица од ДУИ, не е само кон Артан Груби, има таму и други луѓе за кои допрва ќе излегуваат криминални афери за сето тоа што ние го имаме документирано. Ако вие мислите дека треба да премолчиме за наместениот тендер за надзор и супервизија на проектот за коридорите 8 и 10 Д, простете, но нема да премолчиме, бидејќи е евидентен криминалот. Околу тендерот за надзор и супервизија на коридорите 8 и 10 Д криминалот е евидентен и еклантантен. Таму имате тендер кој што е местен, во тендерот се менувани условите додека тендерот трае. Знаете ли колку пари наплатиле четирите експерти кои што работеа еден месец за да го изготват договорот со фирмата изведувач? Видете, 900.000 евра за еден месец. Видете јас сум доктор по науки, сум учествувал во многу вакви проекти пред да се занимавам со високата политика, и се чувствувам прилично моќен во тоа со кое што сум се школувал и за кое што имам искуство. Ни приближно вакви експертски услуги досега не сум имал, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека другата компанија од конзорциумот кога почнува тендерот, нема лиценца за надзор, односно е во процес на добивање лиценца за надзор и супервизија, како и дека тоа е компанијата што се занимава со производство на долен веш.