Вучиќ: Во Охрид нема да има никаков судбоносен ден

Нормализација на односите со Приштина не е ниту де факто, ниту де јуре признавање на Косово изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на јавноста, додавајќи дека под нормализација подразбира „да се има подобри односи со Албанците, да се почитуваме едни со други, да ја развиваме работата и да гледаме заеднички во иднината“, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој посочи дека Србија „сеуште нема добиено нацрт на договорот за она што го сака ЕУ во преговорите за нормализација на односите на Белград и Приштина“.

-Ние го доставивме својот предлог, Албанците својот, ништо сеуште немаме добиено од Брисел и кога ќе го добиеме прв ќе ги откријам деталите од нацртот, изјави Вучиќ.

Вучиќ во своето обраќање рече дека во Охрид, на 18 март, кога ќе се одржи нова рунда преговори, нема да биде „никаков судбоносен или судбински ден“, додавајќи дека „сите што ги организираат протестите (се мисли за утре најавените на десницата) се надеваат дека јас ќе потпишам како да сум јас тој што го правил тој план“.

-Ќе работиме во интерес на Србија максимално, ќе ги почитуваме нашите црвени линии кои неколкупати ги соопштивме и важно е да сфатиме колку е комплицирана ситуацијата и ги повикувам граѓаните како Претседател на Србија, да му верува на својот државен врв во посветеноста, мудроста, сериозноста и силата на државнио врв… Знам што правам, ништо тајно нема да правам, изјави Вучиќ.

Тој ги коментираше шпекулациите дека премиерката Ана Брнабиќ ќе потпише евентуален договор со Приштина.

-Кога ќе слушнете такво нешто од некого, слободно кажете му во лице дека е лажго… Кога некој ќе потпише нешто, тоа ќе бидам јас, а не планирам ништо да потпишам, изјави Вучиќ порачувајќи дека Србија има своја политика.

-И Србија се држи до својата политика. Да, Србија е на европскиот пат, не може лесно да опстане ако не е на европскиот пат. Но, не се согласуваме за се, не мора ни да се согласуваме, изјави Вучиќ.

Вучиќ, на новинарско прашање дали Мирослав Лајчак му претставил околу 15 модели на европско самоуправување, кои би можеле да се поврзат со ЗСО, што тој го претстави во Приштина, рече дека имал сериозна дискусија со Лајчак и Габриел Ескобар за ЗСО, што е многу важна работа за Србија.

-Тоа е важен документ за нас, ужасно важен, бидејќи јасно кажува дека Република Србија, не само другите земји, туку Република Србија има право да ги финансира надлежностите пропишани таму, вклучително и здравството и образованието, руралниот и урбаниот развој, просторно планирање, економски развој и културни и сите други работи.Кога го имаш тоа, тогаш имаш многу поголема безбедност за нашиот народ, а таа заедница има свои органи, од претседателот, собранието, советот и се друго, кажа Вучиќ.