Делегација на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската Унија денеска и утре ќе престојува во работна посета на Европскиот парламент во Стразбур каде ќе има средби со европратеници во пресрет на објавувањето на Нацрт Резолуцијата на Европскиот Парламент за РС Македонија за 2022 година, информираат од Собранието.
Во состав на делегацијата се Соња Мираковска, копретседавач на Мешовитиот парламентарен комитет и членовите Жаклина Лазаревска, Бајрам Кадрија, Жаклина Пешевска и Маја Морачанин.
Според програмата на посетата, пратениците ќе остварат средби со европратеникот Тонино Пицула, координатор на пратеничката група на Социјалистите и демократите во Комисијата за надворешна политика, европратениците Тијс Ројтен и Владимир Билчик, членови на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, потоа со Андреас Шидер, Марион Валтсман и Илхан Кјучук, учесници во Жан Моне Дијалогот, односно процесот за унапредување на политичкиот дијалог, како и европратеничката Ирена Јовева, претседателка на неформалната група Пријатели на Северна Македонија и член на МПК ЕУ – Северна Македонија.
Во текот на дводневната посета, предвидена е средба и со претседателот на Комисијата за надворешна политика, Дејвид Мекалистер, како и средби со известителите во сенка за Северна Македонија во Комисијата за надворешна политика (АФЕТ) и тоа Тинеке Штрик од групата на Зелените, Стелиос Коулоглу од Левицата и Матијаж Немец од групата на Социјалистите и демократите.
-Известителите во сенка, во име на своите политички групи се одговорни за темата и играат важна улога во усогласувањето на финалниот текст на Резолуцијата. Имено, првиот нацрт на Резолуцијата за Северна Македонија на известителот Илхан Ќјучук ќе се разгледува во Комисијата за надворешна политика на крајот на март, за неа ќе се гласа во Комисијата на крајот на мај а на пленарна седница на Европскиот парламент се очекува да се најде на средината на јуни, соопштуваат од Собранието.