Петровска – Чернохова: Северна Македонија и Чешка ја продлабочуваат одбранбената соработка

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска со високи воени почести беше пречекана во Прага, со што ја започна својата официјална посета на Чешката Република, во чии рамки оствари средба со чешката министерка за одбрана, Јана Чернохова.

Министерките Петровска и Чернохова, се согласиле дека неодамна потпишаниот Договор за ремонт на хеликоптери помеѓу двете влади ќе ја зајакне и интензивира билатералната и одбранбената соработка помеѓу државите.

Неодмана склучениот договор за ремонт на два хеликоптери на Армијата на Република Северна Македонија, претставува уште еден доказ за интензивирање на нашата соработка во одбраната, но и на нашата блискост во Алијансата, истакнала Петровска, соопштија од МО.

Оценувајќи ја билатералната соработка како одлична, министерката Петровска на средбата потенцирала дека Чешка не е само наш близок НАТО сојузник, туку и гласен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија.

 – Чешка е доследен и гласен поддржувач на евроинтеграцијата на Северна Македонија и за тоа сме благодарни и сметаме на чешката поддршка и во иднина, нагласила Петровска.

Додала дека евроинтеграцијата на Северна Македонија и останатите држави од Западен Балкан ќе даде позитивен импулс и за безбедноста на регионот.

-Сегашната геополитичка реалност ја наметнува потребата од забрзување и поттикнување на нова динамика во процесот на евроинтеграцијата на Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан, бидејќи ќе се ублажат негативните влијанија на Балканот и воедно ќе се создадат поповолни услови за решавање на отворените прашања, истакнала Петровска.

Министерката Петровска за време на посетата на чешкиот Парламент, остварила средба со претседателот на Комитетот за одбрана на Чешка, Лубомир Метнар.

Од МО најавија дека попладнево, министерката Петровска ќе го посети Воздухопловниот ремонтен завод – ЛОМ, каде врз основ на потпишаниот договор Влада со Влада (G2G) во декември минатата година, во следниот период ќе бидат ремонтирани два хеликоптери Ми-8МТ.